ФИБА упати писмо до Македонската кошаркарска федерација (МКФ) како и до останатите пет федерации од земјите од поранешна Југославија (Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Словенија) чии клубови настапуваат во АБА-лигата.
Во писмото ФИБА отворено се заканува дека ќе го разгледа учеството на овие шест држави на Евробаскетот 2015 што ќе се игра во септември.
Писмото е потпишано од генералниот секретар на ФИБА, Патрик Бауман, а во него се бара реакција од националните федерации кои се уште не ја признаваат новоформираната АБА – лига, во која клубовите станаа акционери во ова натпреварување и ко-сопственици, меѓу нив и македонскиот претставник МЗТ Скопје Аеродром.
ФИБА им замера на националните федерации што бараа помош за формирање на нова регионална лига, а потоа не ги авторизираа своите клубови, се уште, за настап во ова натпреварување.
– Ставовите на клубовите се контракдикторни со ставовите на националните федерации. Согласно ова, во знак на предострожност, веќе побарав од ФИБА Европа и од Одделот за натпреварување на ФИБА да ги проверат сите алтернативи во врска со можно неучество на репрезентациите, како и официјални лица од овие земји во натпреварувањата на ФИБА и на ФИБА Европа – се вели во дел од соопштението што е испратено од генералниот секретар Патрик Бауман до МКФ и до останатите федерации чии клубови се дел од АБА-лигата.
Својата следна седница ФИБА ја закажа за 18-19.јуни, кога уште еднаш ќе биде разгледана целата ситуација во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.