Обезбедување квалитетни, безбедни и евтини лекови, и поголема достапност до сите граѓани, се дел од целите на чиешто остварување заеднички работат Министерството за здравство и Агенцијата за лекови, истакна денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Тој обраќајќи се на Симпозиумот на Агенцијата за лекови и медицински помагала на Република Македонија, рече дека за таа цел се донесени законски измени за допрецизирање на одредени области од фармацевтската дејност.
Законските измени, посочи, се фокусирани на одредбите за интервентен увоз, промет со лекови преку интернет, времетраењето на одобрение за регистрација на хомеопатските и традиционалните хербални лекови, формирање стручно-советодавни комисии во рамки на Агенцијата, како и прецизно утврдување на надлежностите на Агенцијата за лекови и нејзиниот директор.
– Со овие законски измени овозможуваме подигнување на нивото на квалитет во процесот на производство и контрола на лековите, засилување на механизмот за контрола на лекови што немаат одобрение за ставање во промет, а воедно дефинирање на Агенцијата како регулаторно тело што гарантира за безбедноста, квалитетот и за сигурноста на сите лекови во државата – рече министерот Тодоров.
Еден од сегментите во кои овие две институции соработуваат, според Тодоров, е и ревизијата на цената на лековите, при што цената на лекот се утврдува со споредување со големопродажната цена на истиот лек во 12 референтни земји.
– На овој начин, почнувајќи од 1 февруари 2012 година извршивме вкупно седум намалувања на цените на лековите и опфативме над 4.500 лекови, со што овозможуваме олеснување за пациентите од финансиски аспект, а истовремено и заштеди на средства во здравствениот систем кои потоа се пренаменуваат за други инвестиции во овој сектор – нагласува министерот за здравство.
Додаде дека се фокусирани и на унапредување на достапноста на лековите до секој граѓанин на државата, особено на жителите од руралните подрачја. Појасни дека по примерот на германскиот модел на отворање на супсидијарни аптеки, го вовеле проектот за рурални аптеки.
– На тој начин, овозможуваме аптеките што веќе имаат финансиска исплатливост во некое подрачје, да се врзат со аптека во подрачје во кое нема толкава финансиска исплатливост, сè со цел да овозможиме поголема достапност на лековите во сите подрачја низ државата – рече Тодоров.
Директорката на Агенцијата за лекови Марија Дарковска – Серафимовска истакна дека институцијата, која таа ја раководи го гарантира квалитетот, сигурноста и безбедноста на лековите што се на пазарот и се грижи за нивна достапност до сите граѓани на територијата на Македонија.
– Одговорно тврдам дека нема потреба да се грижат за сето она што во Македонија влегува по легален пат. Лековите кои ги користат се сигурни, безбедни, квалитетни и проверени бидејќи секој лек поминува низ низа контроли пред да се најде во аптеките – рече Дарковска – Серафимовска.
Додаде дека во во Макердонија се регистрирани над 4.000 лекови, но рече, листата постојано се менува бидејќи секојдневно стасуваат нови апликации за регистранција на нови лекови што рече, е особно добро кога станува збор за нови генерики нови достигнуваења во здравството и медицината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.