Претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), Сеп Блатер, се огласи по повод вчерашните апсења на високи функционери на организацијата што тој ја предводи.
– Ова е тешко време за фудбалските навивачи и за ФИФА. Ние го разбираме разочарувањето во јавноста и свесни сме како ќе влијаат овие настани на начинот на кој многумина ќе нѐ гледаат – изјави Блатер.
САД и швајцарските власти изјавија дека лидерите на ФИФА речиси 25 години се вклучени во корупција на сите нивоа на организацијата и дека за тој период стекнале мито во висина од околу 150 милиони долари.
– Без оглед на тоа како овие настани ќе се одразат на организацијата, ние ја поздравуваме истрага и веруваме дека тоа ќе ѝ помогне на ФИФА да ја искорени корупцијата. Таквото однесување нема место во фудбалот и ние ќе настојуваме сите тие кои се огрешиле пред законот да бидат надвор од игра – рече Блатер.
ФИФА вчера суспендираше 11 лица, меѓу кои и двајца заменик-претседатели, од сите фудбалски активности, во очекување на истрагата за корупција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.