Висок процент, односно 67,6 отсто од пациентите се задоволни од функционирањето на националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“.
Ова го покажаа резултатите од обемното истражување за задоволството на пациентите од функционирањето на здравствениот систем, кое во еден сегмент е фокусирано само на системот МојТермин и биле опфатени 6.300 испитаници, преку теренска анкета во 68 јавни здравствени установи (универзитетски клиники, општи и клинички болници, здравствени домови).
Министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција на која ги презентираше резултатите од истражувањето рече дека пациентите се најзадоволни од функционирањето на МојТермин во клиниките за онкологија, за инфективни болести, за дерматовенерологија, општите болници во Кичево и Куманово, Клиничката болница во Тетово и Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“.
Посочи дека високо ниво на задоволство кај пациентите од функционирањето на МојТермин има во здравствените домови во Кратово, Гевгелија, Куманово, Македонски Брод, Крива Паланка, Валандово и Крушево.
Најмалку задоволни од функционирањето на МојТермин се пациентите на клиниките за урологија, за пулмологија, за психијатрија, клиничките болници во Штип и Битола, Општата болница во Охрид, како и во здравствените домови во Штип, Охрид, Струга, Битола, Вевчани, Демир Хисар, Пробиштип и Кавадарци.
Според Тодоров, во јавните здравствени установи каде директорот на ЈЗУ постапува по укажувањата и препораките на Министерството за здравство и тимот од МојТермин, задоволството на пациентите од имплементацијата на системот е одлично и обратно, таму каде директорите на ЈЗУ не се фокусирани на оваа реформа и имплементација на системот пациентите се најмалку задоволни. Посочи дека тие ЈЗУ ќе треба да работат сериозно на имплементација на препораките дадени од тимот на МојТермин во Министерството за здравство.
На прашањето Дали сте задоволни од услугата МојТермин и нејзиното функционирање, по повеќе различни параметри, појасни министерот, забележително е дека во секоја возрасна група, над 64 отсто од испитаните пациенти се задоволни од МојТермин, а најголемо е задоволството кај возрасната група од 36 до 45 години (70,5 отсто).
– Од аспект на етничката припадност, 66,7 отсто од испитаните Македонци се задоволни од услугата, а 76,8 отсто од испитаните Албанци се задоволни, додека кај другите етнички групи процентот е 61,7 отсто задоволни пациенти. Исто така, забележавме дека е најголемо задоволството кај пациентите од Скопје и од руралните населени места низ државата, рече Тодоров.
Истакна дека според резултатите од истражувањето, 69,6 отсто од испитаните пациенти сметаат дека докторите го почитуваат закажаното време за преглед во системот МојТермин, додека 30,4 отсто сметаат дека не се почитува закажаното време од страна на докторите.
– Резултатите покажуваат дека пациентите сметаат дека најмногу се почитува закажаното време за преглед од страна на докторите на: Клиника за дерматологија, Општа болница Кичево, здравствените домови во Кратово, Кичево, Ростуше, Куманово и Македонски Брод. Голем дел од пациентите сметаат дека докторите го почитуваат времето за преглед и на клиниките за онкологија, за инфективни болести, за ендокринологија итн., потенцира Тодоров.
Од друга страна, нагласи, резултатите покажуваат дека најмалку се почитува закажаното време за преглед на клиниките за пулмологија, за неврологија, за урологија, во општите болница во Охрид и во Струга.
– Огромен дел од испитаниците (88,5 отсто) одговориле дека не се случило да дојдат на преглед, а докторот да не е присутен во амбуланта, без никакво претходно известување. За целокупното функционирање на системот МојТермин, потребно е не само почитување на закажаните термини од страна на докторите, туку и доследно почитување од страна на пациентите, истакна Тодоров.
Резултатите од спроведеното истражување на задоволството на пациентите од функционирањето на системот МојТермин, ќе бидат објавени и достапни на веб страната на Министерството за здравство. Истражувањата од ваков тип, појасни министерот, претставуваат добра можност за детектирање евентуални слабости во функционирањето, со цел да се фокусираме на нивно исправање и целокупно унапредување на системот.
– За потсетување, според рангирањето на Европскиот здравствен потрошувачки индекс, Република Македонија оствари напредок од 11 места за само една година, што е историски најголем напредок откако е воведено рангирањето, а токму една од клучните реформи која нè искачи високо на европската скала е електронскиот систем МојТермин, рече Тодоров.
Додаде дека овој систем е оценет како уникатен систем и реформа што ја препорачуваат за имплементација во повеќе европски земји, имајќи предвид дека овозможува во реално време добивање на податоци за пациентите, докторите, здравствените услуги, кои се исклучително значајни за градењето на здравствената политика на државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.