Македонско еколошко друштво (МЕД) почнува иницијатива за броење гнезда на штркови на целата територија на Македонија. Акцијата во наредните неколку недели ќе ја реализираат волонтери и локално население од Скопје, Гевгелија, Кавадарци, Радовиш, Валандово, Струмица, Ресен и од Охрид.
Според МЕД, најголемото подрачје, кое е и најтешко да се опфати целосно поради големата површина и број на гнезда, е Пелагонија.
МЕД соопшти дека броењето гнезда на штркови се спроведува во истиот период низ цела Европа, а намалувањето или порастот на бројот на штркови е важен показател за квалитетот на животната средина во која живееме.
– Се надеваме дека броењето ќе оди лесно бидејќи гнездата и птиците се препознатливи и локалното население знае точно каде се наоѓаат. Низ Европа дури и деца учествуваат во овој потфат и со голема радост ги бројат гнездата на штрковите. Затоа и ние во Македонија се надеваме на целосен успех – истакна Ксенија Путилин од Македонско еколошко друштво.
Популацијата на штркови во Македонија е следена во периодот од 2002 година до 2012 година во Пелагонија, кога е забележан пораст од 220 на 320 гнезда. Лани бил направен пробен цензус на општината Чешиново-Облешево, која е и дел од Европската мрежа на села на штркови.
Според досегашните европски истражувања, МЕД информира дека со намалувањето на бројот на стари големи дрвја, кои се погодни за гнездење, се зголемува бројот на гнезда во непосредна близина на човекови населби, особено на бандери.
Понекогаш гнездата што се наоѓаат на бандера се опасни и за штрковите и за луѓето па затоа добро е што постојат иницијативи од енергетските компании во земјава за поставување платформи за гнездење. Ваквите платформи ако се правилно поставени и во вистинско време, штрковите лесно ги прифаќаат.
Гнездата, пак, кои се наоѓаат на покриви имаат голема поддршка од луѓето, кои често и самостојно водат грижа за нивното зачувување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


