Кливленд кавалирс ќе игра во големото финале за титулата во НБА- лигата по четвртиот триумф во низа против Атланта хоукс во конференциското финале.
Последниот пораз за збогум од титулата на „јастребите“ беше и најубедлив со точно 30 поени разлика. Кливленд славеше со 118-88.
Македонскиот репрезентативец Перо Антиќ не одигра ниту минута во последниот меч од финалната серија на источната конференција, а Атланта не успеа да ги надмине проблемите со повредите и не најде рецепт како да го сопре Леброн Џејмс.
Со 23 поени токму Џејмс беше најефикасен на мечот и го одведе Кливленд во второто клупско финале за титулата во НБА-лигата. Џеј Ар Смит уфрли 18 поени, а по 16 постигнаа Ирвинг и Томпсон.
Кај Атланта Џеф Тиг беше прв стрелец со 17 поени, пред Пол Милсеп со 16. Хоукс првпат во историјата играше конференциско финале, но не успеа да го направат последниот чекор и е елиминиран со 0-4.
Вториот финалист ќе биде познат по завршувањето на серијата во западната конференција меѓу Голден стејт и Хјустон. Голден стејт води со 3-1 и му треба само уште една победа за пласман во големото финале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.