Четиринаесетото издание на музичкиот фестивал „Оф-фест“ оваа година ќе се одржи од 28 мај до први јуни во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Фестивалот ќе почне в четврток со концерти на корејскиот рок бенд „Џамбинаи“, а по него ќе настапи африканскиот состав Басеко Којате и Нгони Ба. Следниот ден во кино „Фросина“ ќе биде проектиран документарниот филм „Je chanterai pour toi“, на режисерот Жак Сарасин. Тоа е филм за Бубакар Траоре, кој потоа ќе одржи концерт.
В сабота ќе настапат португалката Лула Пена и мароканката Хинди Зара. Традиционално претставување на македонски групи ќе има во недела, кога Чалгија саунд систем ќе го промовира новиот материјал.
Фестивалот ќе заврши во понеделник со проекција на документарниот филм „The last song before the war“ во режија на Кили Краскоскас. Веднаш потоа концерт ќе одржат познатите пустински рокери „Тинаривен“.
Директорот на фестивалот Оливер Белопета денеска на прес-конференција програмата ја оцени како најкомпактна и најдобра досега. Тој посочи дека Хинди Зара, Бубакар Траоре и Басеко Којате доаѓаат да ги промовираат новите албуми.
– Очекуваме дека публиката, која „Оф-фест“ ја создаде сите овие години ќе го проследи фестивалот со големо задоволство, рече Белопета, посочувајќи дека билетите за Хинди Зара се веќе распродадени.
Фестивалот „ОФ-фест“ се одржува под покровителство на Министерството за култура
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.