| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки медиуми: голема победа за партијата на Груевски

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски извојува голема победа во првиот круг од локалните избори во Македонија, со што ја потврди доминацијата на политичката сцена во земјата, додека главната опозициска партија на Бранко Црвенковски се соочи со болен пораз.

Ова денеска го јавуваат сите грчки медиуми известувајќи за резултатите од вчерашните локални избори во Македонија, јави дописникот на МИА од Атина.

„Нафтемборики“ јавува дека победата на ВМРО-ДПМНЕ ја соопштил Никола Груевски по полноќ информирајќи дека кандидатите на партијата победиле во првиот круг во најмалку 25 општини, а имаат предност во 30 општини каде што ќе се одржи втор круг гласање за две недели на 7 април.

Сите медиуми пренесуваат дека Груевски изразил задоволство што изборниот процес поминал без проблеми, во демократка и мирна атмосфера, и на тој начин земјата направила важен чекор напред во однос на евроатлантските интеграции.

„Владејачката партија на Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) доминираше на вчерашниот прв круг од изборите во 81 општина во Македонија, додека главната опозициска партија на Бранко Црвенковски доживеа пораз и се пожали на нерегуларности“, јави телевизијата „Мега“.

Телевизијата додава дека, според досегашните резултати, во вториот круг ќе биде и крајната „битка“ за Скопје иако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, води со голема разлика.

Весникот „Етнос“ ја пренесува и изјавата на Црвенковски дека додека трае истрагата за жалбите на опозицијата за вчерашните избори, за опозицијата се отворени сите опции вклучувајќи и неучество во вториот круг од изборите.

„Прото тема“ се задржува на поплаките на лидерот на СДСМ, според кого, вчерашните избори биле проследени со многу нерегуларности и нарушувања на изборниот процес.

„Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, која доминираше на вчерашниот прв круг од локалните избори, коментирајќи ги изјавите на лидерот на главната опозициска партија, соопшти дека тие се паничен потег од страна на Црвенковски, кого го обвини дека бара изговор да го оправда тешкиот пораз на опозицијата на вчерашните локални избори“, пишува „Прото тема“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top