Мајами хит незапирливо јуриша на рекордот на Лос Анџелес лејкерс и по синоќешниот триумф над Шарлот со 109-77 е на само 8 победи од рекордот во НБА. Тој сѐ уште е во сопственост на златната генерација на ЛА Лејкерс од сезоната 1970/71 кога имаа импресивна низа од 33 успеси.
Леброн Џејмс одново ги предводеше соиграчите до победа, а овојпат Мајами славеше и без помошта на Двејн Вејд. Тој е повреден, но со помош на расположениот Џејмс „падна“ и 26. екипа во серијата на Мајами, Шарлот бобкетс. Со неколку атрактивни забивања и асистенции, Леброн ја разби одбраната на гостите. На мечот присуствуваа многу познати лица од џет-сетот, а ги предводеше Новак Ѓоковиќ. Тој набрзина го победи Деварман на турнирот од Мастерс серијата во Мајами и поита да го следи натпреварот од НБА. Имаше и што да види бидејќи Џејмс приреди вистинско шоу со 32 поени, 9 скока, 6 асистенции и многу атрактивни потези. Мечот имаше и славенички шарм, а публиката со овации го поздрави Крис Бош, кој синоќа наполни 29 години. Шлаг на тортата би било уривање на реордот на Лејкерси од пред 42 години, а сега доаѓа најтешкото. Од утре почнува „жешката“ серија од 4 гостински натпревари со дуелот во Орландо. За да се урне рекордот на Лејкерс, на Мајами му требаат уште и победи против Чикаго, Њу Орлеанс, Сан Антонио, Њујорк, Шарлот, Филаделфија и Милвоки.
Останати резултати: Милвоки – Атланта 99-104, Хјустон – Сан Антонио 96-95, Оклахома – Портланд 103-83, Минесота – Чикаго 97-104, Далас – Јута 113-108, Феникс – Бруклин 100-102, Сакраменто – Филаделфија 103-117
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.