Во Министерството за здравство е формиран Младински здравствен форум, кој ќе функционира како стручно-советодавно тело на министерот, информираше на денешната прес-коференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Целта е, нагласи Тодоров, унапредување на комуникацијата со младите студенти на медицина, специјализанти и доктори и нивна поголема вклученост во креирањето на здравствените политики, имајќи предвид дека тие практично ја градат иднината на здравствениот систем.
Младинскиот здравствен форум, кој се очекува да профункцинира крајот на идната недела, ќе се состанува еднаш месечно и поканата за присуство ќе биде отворена за јавноста, односно ќе може да присуствува секој кој е заинтересиран. По секоја одржана седница, форумот ќе доставува извештај до министерот за здравство, со наведени конкретни предлози и активности, кои биле разгледувани и усвоени на седницата.
– Идејата е да овозможиме јавна расправа и на отворен и транспарентен начин да ги слушнеме проблемите со кои се соочуваат младите студенти на медицина, специјализанти, доктори и специјалисти, да ги слушнеме нивните предлози во насока на унапредување на системот, и низ заедничка дискусија да ги разгледаме можните решенија, појасни Тодоров.
Тој истакна дека фокусот ќе биде ставен на аспектите на стручно доусовршување, односно на организирањето на специјализациите, едукациите во странство, статусот на младите лекари, но и на сите суштински прашања поврзани со медицинските студии и медицинската професија.
На овој начин, посочи министерот за здравство, се воспоставува нова практика со која одблиску ќе се запознаеме со практичните проблеми со кои се соочуваат младите студенти, специјализанти, и млади доктори, и ќе ги слушнеме нивните сугестии и забелешки од функционирањето на работите на терен.
– Искуствата од терен и од секојдневната практика ќе бидат многу корисни за детектирање на евентуални слабости во функционирањето на проектите/политиките на здравствениот систем, така што на форумот ќе можеме заеднички да ги разгледаме сите можности за нивно надминување, рече министерот Тодоров и додаде оти сите упатени сугестии и забелешки ќе бидат темелно разгледани, а во зависност од можностите и соодветно имплементирани во политиките на Министерството.
Министерот Тодоров очекува дека ентузијазмот кај младите лекари и нивните прогресивни идеи и ставови силно ќе придонесат за уште подинамичен развој на здравствениот систем на Република Македонија.
– Консултирањето на стручната и пошироката јавност, а особено консултирањето со сите засегнати страни со сигурност ќе придонесе кон подобар финален исход, кој е во прилог и на Министерството, и на студентите, специјализантите, докторите, специјалистите…, изјави тој.
Тодоров уште еднаш потенцира дека со функционирањето на Младинскиот здравствен форум ќе се овозможи поголема вклученост на младите во креирањето на здравствените политики преку овозможување на континуирана и отворена комуникација со нив, и заеднички ќе се придонесува кон поквалитетни решенија во насока на целокупно унапредување на здравствениот систем.
Во Младинскиот здравствен форум како постојани членови ќе бидат вклучени претставници од повеќе релевантни установи и здруженија, како што се: претседателите на Лекарската комора на Македонија, Македонското лекарско друштво, Стоматолошката комора на Македонија, Фармацевтската комора на Македонија, како и претставници на студентските парламенти на Медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип, претставник на студентскиот парламент на Стоматолошки факултет, Фармацевтски факултет, Високата медицинска школа во Битола, кои тие ќе ги делегираат, како и претставник на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
Седниците кои ќе ги одржува форумот ќе бидат однапред најавувани преку електронските и печатените медиуми, со цел да се овозможи секое заинтересирано лице, писмено или усно, да достави предлог, прашање или да образложи одреден проблем поврзан со студентите на медицина, младите специјализанти, доктори или специјалисти.
Инаку, овој Младински здравствен форум е формиран како резултат на законска можност предвидена со Законот за здравствена заштита, според која во Министерството можат да се формираат стручно-советодавни тела за различни дејности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Нов скандал во здравството: Отпадна најквалификуваната сестра, прва на листа, а се вработи последната
-
Никола Тодоров сведочи за настаните на 27 април
-
Панчо лут по приемот на Инфективна: Ако немаш врски на лекар, Господ нека ти е на помош!