Кога човекот пред повеќе илјади години го измислил тркалото или ги припитомил коњите овозможувајќи го така преминот од лов и собирање плодови на земјоделство, истовремено го започнал и процесот на слабеење на коските поради што луѓето се посклони на скршеници и остеопороза, покажува студијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
Американските научници ги анализирале коскените останки на првите жители на Европа кои живееле на овие подрачја пред 33 илјади години или подоцна, и откриле дека седечкиот начин на живеење кој бил овозможен со појавата на земјоделството, а не урбанизацијата или промените во исхраната, довеле до потенките и покревки коски кај модерниот човек во однос на неговите пештерски предци.
„Постојат многу докази дека првите луѓе имале посилни коски и дека вежбањето со тегови кај модерниот човек го спречува губењето на коскеното ткиво, но не знаевме дали патот до послабите коски бил отворен со земјоделието или со други причини, како што се исхраната или урбанизацијата“, вели директорот на Центарот за функционална анатомија и еволуција во медицинскиот центар „Џон Хопкинс“ во американски Балтимор, Кристофер Раф, кој го водел истражувањето.
Претходните истражувања покажаа дека вежбањето и игрите во кои се носи некој товар во детството, покрај доволното внесување калциум и витамин Д во организмот, се најдобриот начин за градба на силни коски.
Прачовекот имал погусти коски во кој и да е возрасен период во споредба со модерниот човек. Научниците ги споредувале коските на речиси две илјади лица кои живееле во Камената ера со оние од времето на Римската империја, во Средниот век, или во периодот на Индустриската револуција и во XX век. Рентгенски ги снимале коските и изработувале силиконски реплики, а потоа компјутерски ги анализирале податоците за да го утврдат моментот во човековата еволуција во кој започнал преминот кон потенките коски.
Пред седум илјади години, со почетокот на развојот на земјоделството, започнал процесот на слабеење на бедрената коска и тибијата и продолжил до периодот на Римското царство, откриле научниците. „Слабеењето траело со илјадници години, што покажува дека процесот на транзиција од почетокот на земјоделието до целосно седечкиот начин на живот траело доста долго. До Средниот век коските станале онолку силни колку што се и денес“, вели Раф.
Промената кај коската во надлактицата, пак, биле помали. Токму разликата во промената на јачината на коските на рацете и на нозете го исклучуваат влијанието на промената на исхраната, вели еволуцискиот антрополог Стивен Черчил од универзитет Дјук во Северна Каролина.
Во структурата на коските научниците откриле уште подраматични промени на јачината на коскеното ткиво поврзани со движењата напред – назад, карактеристични за трчањето или долготрајното одење, отколку промените поврзани со наведнувањето или подигнувањето.
Биологот Сајмон Мајс, предавач на британскиот универзитетот Саутемптон, вели дека е изненадувачки, имајќи ја предвид механизацијата и технолошките можности на модерното време кои во изминатите педесет години овозможуваат уште повеќе мирување и седење, што човечките коски не ослабиле дополнително. „Се прашувам дали подобрената исхрана во XX век довела до подобрениот коскен квалитет поништувајќи го ефектот на седечкиот начин на живеење на натамошното тенчење на коските“, вели научникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.