Процесот за мирно решавање на курдскиот конфликт во Турција е „замрзнат“, изјави копретседателот на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) Салахатин Демирташ, пренесува ДПА.
Тој ја обвини владата за недостиг на напредок во преговорите за мир во пресрет на претстојните на 7 јуни парламентарни избори во земјата.
Курдските претставници извесно време не добиваат дозвола за посета во затвор на лидерот на Курдската работничка партија (ПКК) Абдулах Оџалан.
Турските власти кон крајот на 2012 година почнаа преговори со лидерот на ПКК Оџалан за ставање крај на курдскиот конфликт во кој досега загинаа речиси 40 илјади лица. Процесот за решавање на курдскиот конфликт во моментот е замрзнат изјави во интервју за ДПА Демирташ.
Мурат Карајилан, еден од командантите на бунтовниците од ПКК, изјави дека борците засега ќе се придржуваат кон примирјето. Тој сепак предупреди дека контактот со Оџалан треба да биде обновен.
Демократската партија на народите треба да успее да го мине 10 процентниот изборен праг за влез во турскиот парламент. Демирташ тврди дека е сигурен дека партијата ќе собере доволно гласови.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган неодамна ги разгневи курдите, со изјавата дека нема „курдско прашање“ во Турција, пренесува ДПА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.