Претставници на Центарот за вработување Тетово, фирмата „Еурометал мебел“ од Тетово и твининг програмата на ЕУ за поддршка на Агенцијата за вработување за спроведување на активни мерки и услуги на пазарот на трудот денеска во Тетово потпишаа договор за обука на дваесет лица како заварувачи за потребите на металопреработувачката индустрија во регионот.
Според постојаниот твининг советник Аксел Биргер оваа мерка ќе се спроведе во четири региони во Македонија, скопскиот, кумановскиот, битолскиот и тетовскиот и за секој од нив се определени околу 10 илјади евра за спроведување на програмата.
– Станува збор за децентрализиран начин на спроведување на мерката во која покрај Агенцијата за вработување во овие региони вклучени се приватни претпријатија и социјалните партнери. Врз основа на повеќе одржани состаноци увидовме дека во тетовско најпотребни на пазарот на трудот се заварувачи и затоа во следните 110 денови ќе трае обуката на над 20 лица – рече Биргер.
Раководителот на Центарот за вработување Тетово Томислав Трифуновски, посочи дека над 15 години нема нови заварувачи кои се барани од приватните компании од металската индустрија што работат во овој регион.
– Обуката за овие лица ќе се состои од два дела првиот теоретски во траење од еден месец и вториот теоретско практичен дел уште дополнителни три месеци што ќе се спровде во компанијата „Еурометал“ мебел во Тетово. За што подобра обука ќе бидат анагажирани и соодветни професори од средно стручните училишта за оваа професија. Лицата што ќе ја завршат обуката ќе добијат соодветен сертификат и очекувам дека 80 отсто од нив веднаш ќе најдат директно вработување – рече Трифуновски.
Тој посочи дека преку согледување на потребите на пазарот веќе на двапати спровеле слични вакви активности за прекфалификација и дообука и тоа во 2013 година за кулинари гастрономи што ја завршиле 12 лица и во 2014 тата година за гипс монтери на сувомонтажни елементи во нискоградба што ја поминале 10 лица. Според Трифуновски околу 30 отсто од овие лица преку активните мерки за самовработување отвориле свои фирми при што во некои од нив веќе има реализирано и второ вработување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



