На македонското стопанство му се неопходни занаетчии и технички кадри. Мора да се разбие стереотипот дека тие се ниско платени зашто заварувач зема 500 до 1.500 евра плата, а управувач со кран или тешки машини најмалку 600 евра, беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, несоодветно квалификуваниот кадар и натаму е еден од клучните проблеми во економијата. За надминување на ваквата состојба нужни се интервенции во образовниот процес – покрај учењето теорија, воведување и што повеќе пракса, како и преквалификација или доквалификација на голем дел од расположливите струки кои не соодветствуваат на потребите на пазарот.
Компаниите засега имаат најголема потреба од машинобравари, ракувачи со дигалки, водоводџии, готвачи, пекари заварувачи, кранисти, градежни работници, монтери,…
– Пазарот на труд е небалансиран. Постои голем дел неквалификувани кадри особено со средно стрчно образование на кои отпаѓаат 85 проценти од вкупната невреботеност. Останатите 15 отсто се лица со високо образование, магистри и доктори на науки. Ова покажува дека континуирано се зголемува бројот на невработени високообразовани кадри. На стопанството, компаниите, домашните и странските инвеститори им треба средно стручно квалификуван кадар – рече Анета Трајковска, директор на Дирекцијата на други форми на организирање при Стопанската комора.
И според директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, многу малку од оние што завршуваат образование се соодветно квалификувани, согласно барањата на пазарот.
Тој го гледа проблемот во прекумерното запишување на општествените насоки/науки, а многу малку на техничките.
– Последниве 20 години Македонија бележи замирање на техничкото образование, а зголемување на бројот ученици во гимназиите. Со тој одлив, од технички во општествени науки, се намали бројот на остручено образовани лица. Треба да се поткрене моралот кај учениците, дека овие навидум валкани професии, всушност гарантираат вработување. Секогаш ќе има работа за занаетчиите и за техничките струки – нагласи Поповски.
Во насока на преквалификување и доквалификување на кадрите, формиран е т.н. Бизнис тренинг центар. Вкупно 33 отсто од оние што го посетиле, нашле вработување. Паралелно, тече програмата преку Агенцијата за вработување кој предвидува бесплатна обука на 500 лица годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.