| четврток, 6 декември 2018 |

Во бугарски туристички автобус пронајдена експлозивна направа

бомба

Експлозивна направа е пронајдена во автобус на бугарската „Омега група“ со 34 патници, кој патувал на релација Прага – Варна.

Директорот на компанијата Драгомир Петков изјави дека рачно изработената бомба, која била со голема разурнувачка моќ, била пронајдена синоќа, кога автобусот се наоѓал близу Будимпешта, објави денеска бугарски „Стандарт“.

Петков рече дека патниците имале многу среќа бидејќи бензинот од канистерот во кој била експлозивната направа се истурил и почнал да се шири мирис, поради што возачите запреле и ја пронашле бомбата.

Тој вели дека патникот што ја поставил бомбата патувал со купена карта од Прага до Братислава, но излегол во Брно и не се вратил. Се претпоставува дека тој е Чех или Словак.

За случајот се информирани надлежните институции во Чешка, Словачка и во Унгарија и се земени отпечатоци од канистарот во кој била експлозивната направа.

Патниците од автобусот во кој беше пронајдена експлозивната направа, утрово стасаа во Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top