Денеска во Младонскиот култерн центар (МКЦ) во 20 часот третпат ќе почне Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“.
На свеченото отворање ќе бидат претставени и ќе се обратат писателите: Вида Огњеновиќ од Србија, добитник на наградата „Прозарт“ што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес кон развојот на книжевноста од Балканот; Полона Главан од Словенија; Ахмет Умит од Турција; Димитар Башевски од Македонија; Бен Блуши од Албанија и Алида Бремер од Хрватска. За Димитар Башевски ќе говори селекторот на македонскиот писател, проф. д-р Венко Андоновски.
За писателите од странство ќе говорат уметничкиот директор на фестивалот, проф. д-р Александар Прокопиев, и членовите на уметничкиот совет проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Ермис Лафазановски.
По завршувањето на првата вечер посетителите ќе имаат можност да набават книги од повеќето автори со нивни потпис.
Од вторник ќе почне вториот литературен пазар во Македонија, каде што десетина издавачи од Македонија ќе им претстават повеќе од триесетина наши писатели на членовите на втората програма „Скопје фелоушип“. Меѓу нив, како што претходно беше најавено, е претставник од најголемата издавачка куќа на светот, Урсула Бергентал, главен и одговорен уредник во „Рандом хаус“.
Во Македонија доаѓа и Силвиа Брунели од италијанската литературна агенција НАБУ, агентка која соработувала со тројца нобеловци и многу други познати имиња од светот на литературата.
Во Скопје доаѓа и Нермин Молаоглу, сопственик на литературната агенција „Калем“ од Турција, како и Мехмет Дермиташ, директор на најпознатиот литературен фестивал во Турција, „Танпинар“.
Организатор на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ е издавачката куќа „Икона“. Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски. Уметнички директор е проф. д-р Александар Прокопиев. Членови на Уметничкиот совет на фестивалот се проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Ермис Лафазановски.
Селектор на македонскиот писател е проф. д-р Венко Андоновски. Продуцент на фестивалот е Николчо Мадешовски, директор на „Икона“.
Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност е составен од: првиот лауреат на наградата „Прозарт“, српскиот писател Владислав Бајац, уметничкиот директор проф. д-р Прокопиев, членовите на Уметничкиот совет на фестивалот проф. д-р Шелева и проф. д-р Лафазановски, и директорот Трајкоски.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, од Делегацијата на Европската унија во Скопје, Град Скопје, Турски културен центар „Јунус Емре“, Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија. Фестивалот е помогнат од амбасадата на Република Хрватска, амбасадата на Република Србија, Младински културен центар, Националната галерија на Македонија, Словенечката агенција за книга, Тивес мода, хотел „Буши“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.