Договори за проектите одобрени согласно Програмата за инвестирање во животната средина и конкурсот за распределба на средства за финансирање и реализирање програми, проекти и други активности од областа животна средина за годинава, потпишаа денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалниците на општините Гостивар, Желино, Чучер Сандево, Гази Баба и Боговиње.
– Заштитата и подобрувањето на квалитетот на водите останува еден од главните приоритети на Министерството за животна средина и просторно планирање кои ги реализираме и преку активна финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа со инвестиции во доменот на водоснабдување, собирање и третман на отпадни води – истакна Изаири.
Посочи дека се потпишуваат првите пет од вкупно 30 договори за средства кои ги доделува Министерството согласно Програмата за инвестирање во животната средина и Конкурсот за распределба на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа животна средина за годинава.
– Прифатените проекти се опфатени со точка 1 од Програмата која се однесува на Изработка на техничка документација и реализирање на проекти и активности за заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите – додаде Изаири.
Во овој прв циклус Изаири потпиша договори со градоначалникот на општина Гостивар, Невзат Бејта за „Изградба на фекална канализација во с.Дебреше“, во должина од 1.500 метри, со градоначалникот на општина Желино, Фатмир Изаири за „Изградба на фекална канализациска мрежа за населено место Палатица, со што ќе се обезбеди приклучување на 100 домаќинства, јавни и деловни објекти кон канализациската мрежа, со градоначалникот на општина Чучер Сандево, Јован Пејковски за „Реконструкција на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Блаце“, со градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски за „Изградба на секундарна фекална канализација“ по улиците 37 и 22 во населеното место Сингелиќ и со градоначалникот на општина Боговиње, Хазби Идризи за „Основен проект за фекална канализација за населените места во општината Боговиње и тоа во: Боговиње, Камењане, Калник, Жеровјане, Синичани и Горно Седларце.
Со Програмата за инвестирање во животната средина за годинава во подобрувањето на квалитетот на водите на целата територија на државата планирана е инвестиција од приближно 50 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.