На светскиот ден на книгата, 23 април, Градската библиотека во Куманово „Тане Георгиевски“ организираше саем на книгата под мотото „Кажи ’да‘ на книгата“. Во рамките на саемот се одржаа промоции на нови книги, средби со авторите итн. Тоа беше повод да го посетиме Куманово, град што се наоѓа на североисточниот дел на Македонија, распространет од двете страни на реките Липковка и Кумановка.
Легендата вели дека името на населбата потекнува од името на воинственото племе Кумани, кои во 1094 година навлегле во овој крај и извесно време се задржале на територијата на денешната кумановска општина.
Куманово е град на шегобиецот Батко Ѓорѓија, овде е роден и писателот Венко Андоновски, Куманово е град на џез-фестивал, на Деновите на комедија, на тамбурашки фестивал, изложби… град со долга културна традиција.
– Традиционално го одбележуваме Светскиот ден на книгата со подароци за нашите читатели. Задоволни сме од посетеноста во текот на целата година, а истовремено може да нагласиме дека имаме солиден книжен фонд. Денеска, на 23 април – Светскиот ден на книгата и на авторското право драго ми е што ве гледам во олку голем број и јас не се грижам за книгата. Иако велат дека има игри, интернет, книгата е незаменлива и овој настан го потврдува тоа – вели Нада Ивановска, директорката на библиотеката.
Сепак, синоним за градот останува ликот на Батко Ѓорѓија. Од библиотеката се упатуваме кон центарот на градот, а пред нас се извишува споменикот со кој кумановци му се оддолжиле на овој нивни надалеку познат сограѓанин. Му подигнале споменик во центарот на градот на самиот плоштад. Во разговор со локалните жители слушнавме различни приказни за животот и за личноста на овој познат кумановец. За тие што првпат доаѓаат во градот интересно е дали ликот на Батко Ѓорѓија произлегол од народот, од раскажување на приказната за него од колено на колено или, пак, е личност што ја создал некој во одредено место и време. Припадниците на музичкото и на етнотворештвото тврдат дека во периодот пред Втората светска војна на овие простори била позната песната чијшто јунак бил Батко Ѓорѓија. Во музичката литература може да се сретне песната „Умреја Батко Ѓорѓија“, но и нејзини обработки од познатите македонски композитори Власто Николовски и Трајко Прокопиев.
– Во моето семејство беше и чичко Ѓорѓи, средниот брат на татко ми, на кого трговијата му беше животна егзистенција, но беше боем. Својата надареност за музика, поезија, песна ја истакнуваше насекаде. Свиреше таканаречена фисхармоника (клавијатурен инструмент кој се поставува на стол, со десната рака се покренува воздушниот мев, а левата рака служи за добивање тонови). Кога тој ќе седнеше да свири, истовремено и пееше. Уште како дете секогаш бев со него слушајќи го како пее и свири, дури и тогаш кога ја врзуваше вратоврската а ла франга… – се сеќава Трајко Прокопиев во својата биографска книга.
Скулптурата на Батко, излеана во бронза, висока 1,8 метар, е дело на познатиот кумановски академски скулптор Русе Андоновски.
– Батко Ѓорѓија има посебно, култно место во мојот досегашен творечки опус и денот кога неговата фигура се исправи на постаментот во центарот на градскиот плоштад го запишав како момент кога ми се остварил голем сон – вели Андоновски.
Некои го споредуваат Батко Ѓорѓија со славниот мариовски итрец Итар Пејо, со таа разлика што Итар Пејо ја симболизира народната мудрост и итроштина, а Батко Ѓорѓија боемштината. Опеан е од народот како голем вљубеник во сѐ што е туѓо, а убаво, од убава невеста, па до убави волови.
Постојат повеќе верзии за овој лик. Според едната, популарниот Батко е автентична личност, роден во кумановското село Младо Нагоричане во 1815 година, а починал на 65-годишна возраст. Потекнува од релативно богато селско земјоделско семејство. Бил голем веселник и водел разуздан живот со парите на татко му, а со својот ведар дух и смисла за мајтап ги развеселувал селаните на свадби и на други веселби.
Се прочул како голем љубовџија посакуван од девојки и од млади невести по тогашните кумановски села. Наводно, татко му го оженил против негова волја и тоа со мома десет години постара од него. Во тој брак без љубов Ѓорѓија немал деца, а бил млад и убав, па продолжил да живее лесен живот, од песна до песна, од оро до оро, по селата. Поради тоа што многу сакал ракија и убави, туѓи жени, откако заминал на оној свет, народот го опеал како човек што „Не е умреја од болест, тики умреја од лудост“.
На другиот крај од плоштадот, зад грбот на „Батко Ѓорѓија“, најавен е споменик на „Четири бандере“. Ова е поради тоа што на прашањето од каде е, кумановецот одговарал: „Откуде Тумбу сас четири бандере“!
Во чест на Батко Ѓорѓија во Куманово се одржува маскенбал што го носи неговото име, а во кој учествуваат организирани маски на учениците од основните и од средните училишта.
– Имаме гости од Струмичкиот карневал, кои одлично соработуваат со кумановските средни училишта. Училиштата секоја година се сѐ поинвентивни во однос на идеите и креациите – вели раководителот на секторот за култура Жика Крстевски.
Публиката секоја година ужива во шаренило од маски, принцези од сите бајки, суперхерои, оџачари, хипици, кловнови, цветчиња, спортисти, бонбони.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 140. број на неделникот „Република“, 8.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.