Протерувањето на првиот човек на ИВЗ од неговото седиште не е преседан, на истиот начин пред десетина години дојде на чело на Заедницата и сегашниот реис-ул-улема Сулејман Реџепи. Тогаш тој со помош на своите сегашни противници, скопскиот муфтија Ибраим Шабани и генералниот секретар на ИВЗ, Африм Тахири, го тргна од тронот тогашниот поглавар Ариф Емини. Тие што се сеќаваат на настаните од пред девет години, ќе се присетат дека и тогаш беа во игра обвинувања за прекршувања на Уставот, и тогаш вооружени луѓе влегуваа на верски собири, и тогаш двете страни се обвинуваа за неморал и за кршење на исламските правила. Сè е исто како пред речиси една деценија, само се сменија улогите на дел од инволвираните страни. И уште нешто се смени, состојбата во која функционира ИВЗ. Во моментов ИВЗ има најмалку три од своите џамии, кои не ги контролира по сопствено признание на актуелниот поглавар.
Двете страни се убедени дека вистината и правдата се на нивна страна. Групата на скопскиот муфтија Ибраим Шабани и на генералниот секретар на ИВЗ, Африм Тахири, тврди дека луѓето блиски на, според нив, веќе поранешниот реис-ул-улема се инволвирани во тежок криминал и за тоа се повикуваат на извештај на американскиот Стејт департмент за верски слободи, кој наведува дека ИВЗ правела сомнителни зделки со визите за аџиите кои секоја година преку Заедницата заминуваат на аџилак во Мека.
Приврзаниците на Реџепи во контранападите тврдат дека Тахири и Шабани не можат да бидат вистински муслимани затоа што работат по налог на немуслимани, односно на шефот на УБК и на премиерот Груевски. Во своја одбрана за таквите обвинувања луѓето што го запоседнаа седиштето на ИВЗ бараат Реџепи да каже колкумина од неговите најблиски роднини се вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање од моментот кога тој станал шеф на ИВЗ алудирајќи дека Реџепи соработува со истите тие за кои обвинува дека соработуваат неговите противници.
Слично е и со радикалните елементи. И двете страни се повнимателни за ова прашање, но, сепак, далеку од јавноста меѓу двете завојувани страни се води остра битка противникот да се прикаже како соработник на екстремни исламистички структури. Иако во овој дел се повнимателни, и двете групи тврдат дека противниците тајно шуруваат со групите што директно или индиректно ги испраќаат младите Албанци муслимани да гинат на фронтовите во Сирија и во Ирак.
Партиите на Албанците засега настрана
Иако до пред неколку години секое спомнување на ИВЗ се поврзуваше со силно влијание на ДПА во нејзините структури, оваа асоцијација сè повеќе слабее. Ако за време на смената на гарнитурата во 2006 година на страната на Реџепи јавно беше кондовската група на Агим Красниќи, кој беше близок на ДПА, во последните години ИВЗ се обидува барем јавно да се постави меѓу ДУИ и ДПА прикажувајќи се како натпартиски и натполитички фактор кој има цел да ги обедини сите Албанци и муслимани во Македонија. Од тој аспект, разбирливо е молчењето на двете водечки албански партии, кои, барем според медиумските извештаи, не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на Заедницата. Извори блиски на ДУИ и на ДПА претходно повеќе пати тврдеа дека со инкорпорирањето десетина радикализирани исламски теолози во структурите на ИВЗ се зголемил капацитетот за промена на умереното толкување на исламот, кое е присутно со векови во Македонија, и затоа и двете партии не сакаат да бидат премногу блиски со ИВЗ. Спомнувањето на ИВЗ по лошо во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент е само причина повеќе и за Ахмети и Тачи да седат настрана дури и во вакви моменти кога секаква помош е добредојдена за скараните (и степаните) страни во конфликтот во ИВЗ.
Браќа по оружје
Инцидентите во седиштето на ИВЗ покажаа дека, иако во Македонија со мали исклучоци предизвикани од политички и од национални цели ИВЗ води умерена политика во поглед на односите со верниците од другите религии, таа нема сила на ист начин да се однесува со своите браќа по вера. Доколку е точно тоа дека двајцата „бунтовници“ против поглаварот Реџепи успеале да соберат среде Скопје 50 вооружени приврзаници и насилно да влезат во седиштето на ИВЗ, тогаш тоа покажува дека Македонија сè уште не е безбедна земја. Кои се луѓето што со оружје в рака среде бел ден се осмелиле не само да се појават во јавност туку и да го користат во пресметка со своите противници. Дури и да претерале медиумите, како што често прават, дури и да не биле 50 туку десетина, повторно се поставува прашањето кој е тој толку силен што ќе си дозволи во фреквентниот Бит-пазар да се шета со оружје и да нападне една институција која има ангажирано професионално обезбедување. И, пред сè, може ли да се очекува утре истите тие луѓе незадоволни од други собитија во земјата да го сторат истото, со „калашникови“ и „узи“ да влезе во Владата, МВР или во некој суд. Таквата демонстрација на сила во центарот на Скопје е најдобар показател дека во Македонија работите, особено во доменот на верските прашања, можат да пламнат за еден ден, особено ако се потврдат најавите дека наскоро во Македонија ќе има педесетина повратници од фронтовите во Сирија и во Ирак, каде што се бореле во Исламската држава и фронтот Ал Нусра, кој е филијала на Ал Каеда.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 140. број на неделникот „Република“, 8.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.