Според податоците од Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, во моментов има регистрирано 1.340 пациенти на хронична заместителна терапија -хемодијализа. Доктор Елена Бабаљ-Бансколиева, специјалист по интерна медицина во специјалната болница за дијализа и нефрологија „Диамед“ од Скопје, вели дека нема причини пациент што оди на дијализа да не води социјален и културен живот, и целосно да се интегрира во општеството. Единствен акцент треба да се стави на начинот на исхрана, намаленото внесување течности, сол и продукти што во себе содржат калиум и фосфор, а во исхраната да се има избалансирано внесување протеини, калории, витамини и минерали.
Според статистиката, 14 проценти од Македонците имаат некакво оштетување на бубрезите. Дали е тоа висок процент?
Бабаљ-Бансколиева: Според статистиката, во Македонија 14 проценти од популацијата се соочува со некакво бубрежно оштетување од најразличен степен, што укажува на процент кој не треба да се занемари. Бубрежните болести најчесто се од хроничен и прогресивен карактер. Застапеноста на одделни бубрежни болести може да варира од регион до регион во светот. Најчести причини се дијабетес (21 процент), хипертензија (33,6 проценти), гломерулонефрити (21,6 проценти), системски болести (8,6 проценти), сите имаат свој импакт и можат да доведат до терминална бубрежна инсуфициенција. Од тоа што сме го следеле во последните пет години во „Диамед“, може да се заклучи дека поголем број од пациентите (63,2 проценти) се на возраст над 65 години, а значително е помал бројот на пациенти помлади од 65 години (36,8). Статистиката покажува дека мажите почесто се наши пациенти (58,1 проценти) отколку жените (41,9 проценти) кога се однесува на средна возраст од 60 години.
Дали генетиката, високата телесна тежина, возраста се фактори на ризик кои треба да нѐ натераат да ја провериме функцијата на бубрезите?
Бабаљ-Бансколиева: Генетската предиспозиција, одредени болести и начинот на живеење се фактори на ризик кај одредена популација, со што е потребна редовна контрола на функцијата на бубрезите. Високата ризична група опфаќа пациенти со коморбидни болести дијабетес (30,8 отсто), хипертензија (40,2 отсто) и фамилијарна историја за бубрежна слабост. Раната детекција и третманот може да ја спречат прогресијата на болеста. Главен индикатор е гломеруларната филтрациска рата (ГФР) – за процена на бубрежната функција. Наод на перзистентна протеинурија (протеин во урината) значи присутна хронична бубрежна слабост.
Едноставни тестови за рано откривање се: мерење крвен притисок, наод на протеини во урината, покачено ниво на уреа и креатинин. Нивно навремено детектирање може да доведе до стагнација на стадиумот на бубрежна слабост.

Кој е најдобриот лек за здрави бубрези?
Бабаљ-Бансколиева: Бубрезите имаат задача да ги елиминираат сите токсини од нашето тело сѐ додека имаме адекватно внесување течности. Препораките за поздрави бубрези се да се пие многу вода, најмалку до 2 литра дневно. Тоа го спречува создавањето камчиња и уринарни инфекции. Но, доколку кај пациентот е веќе утврден стадиум според ГФР, потребно е контрола и одржување на крвниот притисок со избегнување сол во исхраната, контрола на телесната тежина, редовно земање на терапијата препишана од лекар, контрола на нивото на шеќер.
Колкав е процентот на бубрежноболните што се лекуваат на дијализа?
Бабаљ-Бансколиева: Во моментов, според податоците од Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, има регистрирано 1.340 пациенти на хронична заместителна терапија-хемодијализа.
Што треба да знаат пациентите пред да почнат да одат на дијализа?
Бабаљ-Бансколиева: Дијализата е постапка која овозможува кај пациентите на кои трајно им е нарушена функцијата на бубрезите да им бидат отстранети уремичните токсини и вишокот течности од крвта. Доколку крвта се прочистува преку пропустлива мембрана-дијализер надвор од човечкото тело со помош на машина, се нарекува хемодијализа, а доколку размената на отрови е преку перитонеална мембрана во човечкото тело, тогаш станува збор за перитонеална дијализа. Крвта се зема од пациентот, поминува преку филтер, се прочистува и повторно се враќа назад кај пациентот. Пациентот треба да се приспособи на посебен распоред на посетување во дијализниот центар трипати неделно во времетраење од 4-5 часа во прва, втора или во ноќна смена.
Потребно е обезбедување васкуларен пристап, кој е неопходен за изведување на дијализата. Артериовенска фистула е хируршки траен пристап за разлика од централен венски катетар, кој може да биде од привремен или траен (тунелизиран) карактер. За адекватна и ефективна дијализа од голема важност е функционирањето на фистулата или катетарот, типот на дијализерот. Модерната дијализа преферира високопроточен дијализер со биокомпактибилна мембрана, бикарбонатна дијализа и современи машини за дијализа.
Многу од пациентите се соочуваат со депресија кога почнуваат со дијализа, неприфаќање на болеста, промени во работните смени и во приватниот живот, што повлекува откажување од одредени активности и одговорности. Прифаќањето на реалноста може да биде многу тешко за пациентот и за неговата фамилија.
Разговор со социјален работник и со психолог е од голема помош особено во преддијализниот период, како и во првите месеци од почнувањето.
Првата посета во дијализен центар може да личи како компликуван спој на машини и луѓе. Но, кога пациентот ќе го запознае процесот, ќе стане фамилијарен со проблематиката и со опремата, ќе почне да се чувствува и попријатно.
Потребно е да се смени и начинот на исхрана. Тоа значи консумирање нископротеинска храна, малку сол, редовно земање на пропишаната терапија во преддијализниот период.

Како да им се олесни животот на пациентите што одат на дијализа?
Бабаљ-Бансколиева: Третманот на пациентите во дијализен центар е особено значаен за начинот на кој тие ќе се борат со болеста надвор од здравствените установи. Ако потребната терапија ја прима во пријатна атмосфера, со чувство на доверба кон медицинскиот персонал, со чувство на семејна грижа кон себе, тогаш се поткрепува неговата ментална сила и волја непречено да функционира на приватно и на професионално поле. Нема причини пациентот да не води социјален и културен живот, и целосно да се интегрира во општеството. Единствен акцент треба да се стави на начинот на исхрана, намаленото внесување течности, сол и продукти што содржат калиум и фосфор, а во исхраната да се има избалансирано внесување протеини, калории, витамини и минерали.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


