| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Попоски ги информирал НАТО членките за ситуацијата во земјава

нато

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во Анталија, Турција учествуваше на редовниот Министерски состанок на Северно – атлантскиот Совет на НАТО во формат  „Решителна поддршка“.

Како што соопшти денеска МНР, на состанокот со кој претседавал Јенс Столтенберг, министерот Попоски ги запознал министрите на НАТО членките и партнерите со најновите безбедносни предизвици со кој беше соочена земјата во изминатиот викенд.

Тој информирал за превземената акција на полицијата, која кои превенирале сериозен и координиран терористички акт против државните институции и цивилните цели на Република Македонија, при што била предизвикана ненадоместлива загуба на животите на осум полицајци.

Министерот Попоски му се заблагодари на ГС на НАТО и неговите колеги од Алијансата за изразените пораки на сочувство кои тие ги упатија до семејствата на загинатите и повредените во текот на неодамнешниот терористички напад.

Министрите за надворешни работи на земјите кои учествуваат во мисијата „Решителна поддршка“, разговарале за политичко безбедносната состојба во Авганистан и улогата на НАТО Алијансата и нејзините партнери во обезбедување на сигурна и просперитетна иднина на земјата и регионот.

Во своето обраќање на состанокот Попоски истакнал дека мисијата „Решителна поддршка“ претставува нова фаза во поддршката на НАТО за авганистанските безбедносни сили, кои успешно ја имаат преземено одговорноста за борбените операции во нивната земја.

Притоа, тој ја нагласи нашата подготвеност за натамошна поддршка на НАТО во меѓународните мировни операции и посебно во мисијата „Решителна поддршка“, со цел градење стабилна и безбедна иднина за Авганистан и регионот.

Попоски потенцира дека само преку политичка солидарност меѓу нациите, како и решителноста кај сите страни да промовираат мир и демократија, ваквиот успех е возможен.

На маргините на состанокот министерот Попоски оствари повеќе билатерални средби со колегите министри за надворешна политика.

Во соопштението од МНР се додава дека членството во НАТО и последиците од повеќегодишната блокада биле во фокусот на разговорите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top