Вечерва во Минхен се игра реваншниот дуел од полуфиналето од Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и Барселона.
Гигантот од Каталонија патува со огромна предност од првиот натпревар од 3-0 и се чини дека вечерашниот натпревар повеќе ќе биде екскурзија за тимот на Луис Енрике отколку натпревар во кој нешто ќе се одлучува.
Десеткуваниот Баерн, поради неиграњето на првите играчи од офанзивниот среден ред, Рибери и Робен, како и на дефанзивецот во средината Алаба, се чини дека нема што да бара освен достојно да се прости со симпатизерите со една квалитетна игра во рамките на можностите.
Пеп Гвардиола, сепак, нема да се предаде и ќе се обиде со далеку поофанзивна игра да го нападне голот на Барселона со Геце, Милер и со Левандовски обидувајќи се од самиот почеток на мечот да дојде до предност од гол-два.
Тоа може скапо да го чини бидејќи Барса лесно развива молскавични контри предводени од брилијантниот Меси, а во составот, покрај него, во нападот ќе бидат и двајцата останати од ударното трио, Суарез и Нејмар.
Со тоа шефот на стручниот штаб на Каталонците Луис Енрике најави дека не е дојден во Минхен да ја брани капиталната предност од „Камп ноу“, туку со сите сили да се обиде да постигне прв гол и со тоа уште во раната фаза на натпреварот да го реши патникот во финалето кое се игра на германско тло во Берлин на 6 јуни.
Натпреварот почнува во 20.45 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.