Македонија ратификуваше два нови договори за социјално осигурување и социјална сигурност кои се однесуваат на граѓаните во Македонија, Унгарија и во Словачката Република.
Заменик-министерката за надворешни работи, Драгана Кипријановска, образложи дека дел од договорите се потпишани во ноември 2014 година и оти со нив Македонија ја продолжува практиката за проширување на соработката на билатерално ниво со повеќе држави.
Вакви договори, како што рече, се склучени со 24 земји, меѓу кои Словенија, Турција, Данска, Германија, Чешка, Романија, земјите од регионот, Луксембург, Канада, Австралија…, и оти се во фаза на разгледување и склучување вакви договори и со други држави.
Таа појасни дека договорите се однесуваат на работниците, а не на државјаните на Македонија, Унгарија и Словачката Република и опфаќа пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и заштита и други социјални осигурувања.
И со двата договора е предвидено да се одбегне плаќање двојно осигурување.
Поддршка добија двата договора од пратениците, оценувајќи ги како позитивни.
Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Договорот се однесува на работници кои во Македонија или Унгарија навршиле период на осигурувње за остварување самостојна пензија.
Според неа, со новиот договор се овозможува право на остварување пензија во зависност од условите што ги исполнува лицето.
Сашо Василевски го оцени предложениот закон за ратификатија на Договорт како позитивен и посочи дека ова е една од низата ратификации кои Македонија има особен интерес да се случуваат со цел да се подобруваат билатералните односи.
Момчило Аврамовски го оцени Договорт со Словачката Република како добар предлог кој е во интерес на работниците кои работат во оваа земја. – Позитивно е, вели тој, што и работниците и работодавачите нема да плаќаат двојно осигурување.
Светлана Јакимовска потенцира дека со овој Договор се продлабочуваат традиционално добрите билатерални односи со Словачка.
Собранието на денешната седница го именува Агрон Сефери за заменик на директорот на Агенцијата за администрација, донесе одлука за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Регулаторната комисија за домување за наредниот четиригодишен мандат. Даде поддршка во второ читање на Предлог законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност и платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје, и дополнетите предлог закони за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки и на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите и во општинска сопственост.
Драган Цуклев истакна дека измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки е еден од најчесто менуваните бидејќи станува збор за динамична област во која има постојани новини и кои треба да се следат и да се приспособи законската рамка, а со цел постапките да бидат транспарентни.
Измените се однесуваат на Советот при Бирото за јавни набавки и обезбедувње согласности за постапката за јавна набавка, односно скратување на постапката за обезбедување на согласностите.
Законот за користење и располгање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост пратениците го оценија како позитивно законско решение кое ги регулира прашањата со користење и располагање со стварите во државна и во општинска сопственост.
Пратениците во рамки на 47. седница го поддржаа во прво читање Предлог законот за царински мерки за спроведување заштита на правата од интелектуална сопственост кој се усогласува со европското законодавство.
Собранието седницата ќе ја продолжи со другите точки од дневниот ред по редовната едночасовна пауза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Владата усвои нови два анекса на договорот за автопатот Кичево-Охрид
-
На вработени во градинки и училишта не им се продолжува договорот за работа – реагира СОНК
-
Баерн Минхен ќе им понуди нови договори на ветераните Алонсо, Рибери и Робен
-
Тричковски и Мојсовски наградени се нови двегодишни договори од АЕК Ларнака