| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците преферираат домашни место странски прехранбени производи

маркет

Кај македонските граѓани постои голема свест и волја за купување домашни производи доколку го задоволуваат очекуваниот квалитет. Претежно од прехранбената индустрија одбираат домашни пред производи од други држави, покажува истражувањето на агенцијата „Медијана“.

Според Владо Рикаловски од „Медијана“, изборот на домашни производи кај Македонците е многу поизразен отколку кај  жителите во останатите држави во регионот.

– Македонските граѓани се многу свесни за важноста на тоа дека е полезно да се купуваат македонски производи. Околу 70 проценти од македонската популација го поддржува тој пристап во нивното купување, секако доколку самиот производ ги задоволува нивните критериуми за квалитет. Постои голема расположеност кај македонските граѓани,  која е поизразена кај нас отколку кај која било друга држава во регионот – изјави Рикаловски, учесник на Самитот за трговија со стока за широка потрошувачка, што се одржува денеска во Скопје.

Потрошувачот на пазарот, истакна Поликсена Ристеска од компанијата „Би милк“, избира квалитетен производ што ги испорачува своите ветувања, притоа  можеби гледајќи и на потеклото. Но, пред сè, сметам дека треба да се води и водат сметка на едукацијата што ја добиваат од компаниите што е важно за нивното здравје при консумација на производите – изјави Ристеска.

Според Верица Мартиновска, уредник на магазинот „Ин стор“, во Македонија веќе има етаблирани домашни марки во трговијата со стока за широка потрошувачка, а добар дел од нив заземаат голем дел од македонската потрошувачка кошница.

– Нормално, регионалните и светските брендови се побројни, но бенефит од нивното присуство е искуството и повисокото ниво на квалитет со кое поставуваат нови репери и за нашите производители. Во трговијата со стока за широка потрошувачка, како и во сите сектори, секојдневно има нови, но и субјекти што се откажуваат. Се работи за динамичен сектор кој генерално е двигател на целата економија секаде – изјави Мартиновска.

На Првиот самит за трговија со стока за широка потрошувачка во Македонија, што го организира македонската редакција на „Ин стор“, учествуваат повеќе од 250 претставници на менаџментот, сектори за набавка, трејд маркетинг, продажба од речиси 80 трговци, производители, дистрибутери на ФМЦГ-производи, консултанти, агенции и компании што водат придружни дејности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top