
Колумнист: Горан Момироски
Првата порака е до македонската влада. Таа не е ниту закана ниту ветување. Руските дипломати, во име на Путин, на Груевски му најавуваат дека доколку се спроведе проектот „Турски тек“ преку Грција, Македонија, Србија сѐ до Унгарија, Македонија ќе мора да дозволи Русија да го штити својот проект вреден стотици милијарди евра. Во тој случај, Русија нема да дозволи успехот на најновата руска енергетска пенетрација да зависи од кого било, од политичките собитија во Македонија, од најавите за обединување на Албанија, Косово и на Македонија, од американската амбaсада во Скопје или од Стејт департментот во Вашингтон, Бугарија или од кој било друг фактор.
Притоа се подразбира дека Грција и Србија како активни партнери на Русија и на Македонија во проектот на деценијата не се сметаат за проблематични, а во исто време овие пораки важат и за нив. Путин, едноставно, не може да си дозволи гасоводот преку кој до западна Европа ќе носи гас, а назад ќе пумпа пари во рускиот буџет, да биде нестабилен. Македонските власти мора да знаат дека ова е прво правило во големите енергетски игри. Како што за неуспешниот американски нафтоводен проект АМБО пред десетина години се бараше траса што нема да минува преку „нестабилните“ региони во северозападна Македонија и во Прешевска Долина така и сега трасата, каде и да минува, ќе мора да биде соодветно обезбедена. За таа цел, доколку проектот стане реалност, имаат низа механизми што ќе ги искористат за обезбедување на гасоводот. Рускиот центар за вонредни ситуации стациониран во Ниш, каде што засега се сместени само руски спасувачки тимови и авиони за гаснење пожар, се само дел од оперативните, дипломатските, финансиските и воено-безбедносните ресурси со кои располага Москва.
Последната порака што Русија ја испрати до македонската и до меѓународната јавност по инцидентот во караулата кај Гошинце е порака и за албанските радикали во земјата и во регионот. ОНА, АНА, УЧК, УЧПМБ и другите воени формации што се појавуваат во име на таканаречените албански интереси во регионот треба да бидат свесни дека во случај на загрозување на проектот од нивна страна, ќе си имаат работа со Путин. Се разбира, нереално е да се предвиди дека при обид на албански милитанти да го загрозат гасоводот тие би се судриле со руски армиски сили, но овде пораката е сосема друга. За разлика од 2001 година, кога Русија стоеше настрана, а Украина беше таа што ја вооружуваше АРМ, сега Москва ќе биде таа што ќе направи сѐ за да ѝ помогне на Македонија да расчисти со евентуалните наследници на УЧК.
Пораките од Москва стигнуваат и до Вашингтон. Иако двете суперсили разменуваат вакви и слични пораки, на десетици други локации, на глобално ниво, од Сирија до Кипар, за нас е интересно што сака Русија да им каже на САД за Македонија. Во отсуство на информации за вистинските планови на Русија во регионот може само да се претпостави дека Македонија, која не е членка на НАТО, е отворена за „освојување“ во политичка и во финансиска смисла. Иако Македонија, за разлика од Србија, не е неутрална земја туку е дел од западната воена коалиција иако без формално членство, за Русија нашата земја е отворена, пред сѐ, за проекти што носат пари.
Во отсуство на какво било поместување во поглед на приемот во НАТО, Русија смета дека нема никаква пречка да се обиде да ја вовлече Македонија во своите стратегиски проекти. Во тие проекции, најверојатно, се води сметка и за информациите дека руската влада спровела истражувања на јавното мислење, чиишто резултати се драматично поинакви од тие што досега ги знаевме. Штурите информации за анкетата во која македонските граѓани биле прашувани за нивниот став кон САД, ЕУ и кон Русија велат дека анкетите во кои повеќе од 90 проценти се за влез во НАТО се далечно минато.
Доколку ова не е уште едно обично извртување на светските сили за внесување немир меѓу македонските граѓани, тогаш и македонските власти, но и Вашингтон треба да се прашаат каде е грешката, иако сите веќе можат да претпостават за што се работи. Во секој случај, откако и Германија се изјасни во корист на изградба на проектот „Турски тек“ (конкретно за инволвирање на Грција во него) ќе биде интересно кој ќе биде одговорот на Вашингтон на руските обиди енергетски да го освои коридорот Будимпешта, Белград, Скопје, Атина.
Во одбрана на своите интереси во Македонија САД можат да се повикаат на перманентните напори да ѝ помогнат на земјата од почетокот на нејзината независност, може да се повикаат на полумртвиот договор за стратегиско пријателство потпишан по самитот на НАТО во 2008 година, може во игра да ја стави и сумата од една милијарда евра, кои преку УСАИД и други владини институции влегле во Македонија во име на помош за спроведување на реформите. Се разбира, и САД како и Русија има цела палета јавни и тајни мерки што ѝ стојат на располагање, но факт е дека во формална смисла никој во триаголникот Скопје – Вашингтон – Москва нема обврска, ниту забрана за соработка со друг партнер.
Во времето кога американската и руската влада имаа одлични односи, можеби ќе немаше простор за страв дека какво било приближување кон кого било од оваа тројка е опасно. Но во ситуација кога САД испраќаат воени инструктори во Украина, а Русија испраќа бомбардери дури до Мексиканскиот Залив, а косовските радикали освојуваат македонски караули, јасно е дека владата во Скопје ќе мора да ја игра досега најтешката дипломатска игра во која влогот е огромен, а ризикот може да се спореди само со периодот пред повлекувањето на ЈНА од Македонија.
(Текст објавен во 139. број на неделникот Република, 1.05.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


