Општа оценка е дека се работи на изградба на патна инфраструктура како никогаш досега. Неодамна се најави автопатско поврзување на Скопје со Охрид. Се подготвува постапка за тендер за концесија за делот меѓу Кичево и Гостивар, па има ли заинтересирани?
Мисајловски: Се гради како што никогаш не се градело, сега е моментот да ја изградиме иднината. Во моментов градиме речиси секаде, имаме градежна експанзија во секој дел од Македонија, се градат автопатишта, експресни патишта, регионални, магистрални и локални патишта.
Најновиот податок вели дека повеќе од 900 градежни работници и инженери работат на Охрид – Кичево, што за мене е чест и задоволство, најмногу работници во еден проект во историјата на Македонија да работат токму во градежната зона во овој период. Очекувам да се зголеми до две илјади луѓе, што значи придобивки и за економијата, и за вработувањето, како и за набавувачите, значи во секој аспект на живеењето. Освен македонските градежни компании, работат и компании кои се дојдени од Кина, околу стотина работници работат на два автопати, од Кичево до Охрид и на градбата од Миладиновци до Штип. Градежните работи се во полн ек, очекувам и зголемување, за новата делница од Гостивар до Кичево. Тоа, како што спомнавте, треба да биде еден вид концесија. Најава постои, помина студијата за концесија на Влада, во постапка е формирање комисија и другите законски обврски кои произлегуваат, а потоа да се распише јавен оглас за концесија. Постои голем интерес, дури и неколку делегации од странски амбасади дојдоа на разговор, од многу компании се распрашуваа за овој проект, да разгледаат колкава би била добивката, кои се негативните, а кои позитивните можности. Заинтересирани се кинески компании, компании од Турција, од други држави. Дури и некои компании од Македонија почнале разговори да се спојуваат за да видат дали можат заедно да излезат на огласот. Сериозен проект за комплетно поврзување на патот од Скопје до Охрид. Никогаш не сме го имале, а Владата се обидува да го направи.
Исто така, се работи на Миладиновци – Штип. Јас сум задоволен од тоа како се одвиваат работите. Изминатиот период имаше невреме со многу вода, што ги попречи градежните активности, но очекувам во следните месеци, ако времето е во ред, дека ќе се зголемат активностите и дека ќе добиеме полн ек и ќе постигнеме сè како што сме зацртале. Многу компании работат, претежно македонски, но има и странски. Демир Капија – Смоквица се гради со грчката компанија „Актор“, која е квалитетна, ги посетив и видов дека се работи активно. Никаде нема застој, што ме радува. Независно која институција го води проектот, сите сме поврзани – Министерството за транспорт, Министерството за финансии, нашето претпријатие за државни патишта – и имаме свои облигации во секој проект. Сите работат континуирано и ме радува тоа што сите проблеми ги решаваме веднаш. Постојано сме на терен и излегуваме во пресрет. Само така ќе ги завршиме сите проекти бидејќи ова е најголемиот инвестициски бум што Република Македонија го доживеала. Не само економски или финансиски, туку во секој аспект на живеењето.
Ако градежната експанзија на почетокот на глобалната криза ја спаси македонската економија со тоа што отвори работа за голем број услужни и дополнителни дејности, дали тоа се случува и при изградбата на патната инфраструктура?
Мисајловски: Апсолутно, имаат набавувачи, подизведувачи за секој вид градежни активности, за материјали и други потребни градежни работи и суровини, потребно е да се набави од некаде до вода за пиење. Општо се работи за многу луѓе кои работат постојано и во полн ек, па има нови и нови фирми кои ги гледаме на самото место, на траса. И ќе се зголемува тој број бидејќи сега се пробива трасата, а со пробивањето се отвора потреба за нови домашни компании и подизведувачи. „Синохидро“, конкретно за делницата Кичево – Охрид, има потпишано договор со четири компании, а тие можат да потпишат договор со колку сакаат подизведувачи, секако тоа да биде навремено, квалитетно, во согласност со договорот и проектот. Динамиката ќе расте и ќе биде голем тренд нашите компании да се вклучуваат во сите проекти затоа што не се гради само во западниот дел, туку насекаде низ Македонија. Експресните патишта што ги градиме повлекуваат голема работна сила, може да забележите дека постојано има огласи за вработување работници од градежните компании. Дури им недостасуваат работници, има и натпревар во плаќањето, се зголемува платата на градежните работници, што е добро за сите. Дури има и тренд да доаѓаат инженери од надвор од Македонија. А како се зголемува градежната офанзива, тоа ќе се зголемува постојано.
Ако од Скопје до Штип по новиот автопат ќе се стигнува за околу 40 минути, за колку ќе се стигнува до Охрид, секако почитувајќи ги правилата?
Мисајловски: Секако дека ќе биде побрзо. Сообраќајните решенија ќе го определат времето, но ќе биде пократко. Велат дека времето ќе се скрати околу 30 минути. Ќе биде широк пат, со неколку ленти, вистински автопат каков што заслужува Македонија. Но, пред сè, ќе биде безбедно. Безбедноста ќе биде многу поголема од сега иако правиме максимални напори да добиеме и да поставуваме нова сообраќајна сигнализација на преку илјада километри вертикална и хоризонтална сигнализација. Кога сме кај безбедноста, ги санираме и дупките низ целата земја за да излеземе во пресрет на безбедноста на сите граѓани.
Околу постојните патишта, на пример автопатот „Александар Македонски“, кој најмногу се користи од домашните и од странските туристи преку лето, се поправаат ли тие?
Мисајловски: Апсолутно, дел од патиштата се во програмата за одржување преку „Македонија пат“ и тие ги работиме континуирано неколку години. Но, речиси сите патишта во Македонија се влезени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и во владината програма со коалициските партнери. Нема да постои делница или коридор во Македонија што нема да биде опфатен и реконструиран или саниран. Дури и таму каде што немаме можност за нова траса, ги модернизираме и рехабилитираме. А од Скопје, со влезот на Скопје до Гевгелија, до Куманово односно од Куманово до Гевгелија и обратно, ќе има комплетно нова траса, односно рехабилитирана модерна траса, и тоа го работиме во моментот. Двата коридора, осум и десет, ќе бидат навистина европски со сите стандарди и сите оние приклучни коридори ќе бидат преку експресни патишта, магистрални, реновирани, модернизирани. Таму каде што имаме проблеми со црни точки и со опасни кривини се обидуваме да ги исправиме патиштата. Македонија ќе добие нова слика, сега се гради иднината за сите и ова не може да си го дозволи секоја држава. Треба да имаш силна програма, заднина и сплотеност за да го реализираш сето тоа. Мене ми е чест што сум директор бидејќи се соживувам со овие проекти, ги живеам секојдневно и кога ќе видите колку им значи пат на граѓаните, навистина е чест и одговорност да се сработи тоа. А, убеден сум дека сите овие ќе бидат изградени бидејќи немаме сопирачка на ниту еден проект – од проектирање до изградба.
Колку сето тоа е поттик за општините да влезат во проектите и да дополнат со свои локални патишта?
Мисајловски: Тие самите се стимулираат кога гледаат колку се работи на терен и колку средства наоѓа Владата за локални патишта, и тие се обидуваат да најдат извор на финансирање за да работат. Преку поддршка од неколку банки имаме направено повеќе од 700 километри патна локална инфраструктура. Сега во моментот градиме во многу општини, во Скудриње, во Аеродром, во Октиси, во Охрид, во Свиларе и така натака. Очекувам дека до крајот на годинава сите ќе бидат завршени со кредитот што е земен, односно со поддршката од Светска банка. Таму немаме никаков проект, градоначалниците се заинтересирани сите проекти да бидат завршени. Но, гледам дека аплицираат на повеќе места каде што може да добијат средства, секој денар да може да го соберат за да може да направат патна инфраструктура бидејќи тоа е потребата, без тоа немате силна општина, силен град, силна држава. Секој градоначалник вложува во инфраструктура, што е за поздрав, а во пресрет им излегуваат и Министерството за транспорт, на секој можен начин, и Министерството за финансии, со секакви финансиски инјекции за нив.
Главен извор на финансии се патарините, а и за тоа има новини. Каква е состојбата, беа на удар на критика, но и на безбедноста на вработените?
Мисајловски: Состојбата е добра, можеме да се пофалиме дека со изминување на времето имаме сè посигурна и поголема наплата, помалку злоупотреби, но нив секогаш ќе ги има. Иако, драстично се намалени од некои времиња. Многу не плаќале, бегале, но сега има контрола, но и поголем морал и доверба кон институциите од граѓаните, плаќаат патна такса. Има и такви што ќе побегнат. Ние веднаш алармираме, ги запишуваме тие што ќе направат прекршок, го информираме Министерството за транспорт, Државниот инспекторат. Имаме и видеонадзор. Снимаме сè, законски, како што доликува. Имаме панорамско снимање, кој автомобил поминал, дали инкасантот вратил точно пари за односната категорија… Целосно се покриени и тие бидејќи се случува да се вратат помалку или повеќе пари и некој да се пожали. И тогаш камерите ја покажуваат ситуацијата. Последните два месеца има добар тренд на наплата на возила, помалку бегаат. Има диви таксисти кои „се лепат“ на автомобилот пред нив, ја кршат рампата, но контролата е зајакната.
Се надевам дека кон крајот на мај ќе почнеме со изградба на нови наплатни станици, нова технологија на електронски наплатни станици, за да се избегне човечкиот фактор. Ќе се користат електронски картички и обележување на возилата, а со што со самото доближување до патарината, рампата автоматски ќе се крева. Има неколку модели каков ќе биде комерцијалниот дел, како ќе се продаваат тие картички.
Што е тоа што се нуди кога се бара концесионер за изградба на автопат?
Мисајловски: Има различни модели, зависи од тој што ја прави студијата, од тоа што државата е подготвена да го понуди, колку е долга и на каква траса се наоѓа, колку возила поминуваат на таа траса, исплатливоста, многу фактори има. Но, многу е важно државата да може да понуди и патарина под концесија и некој вид субвенција и други поволности. Бидејќи тој што ќе биде концесионер, треба да добие нешто за да прифати. Станува збор за сериозни пари, некој треба да инвестира многу, да земе пари од неколку банки за да почне да инвестира, да проектира, да гради. Тоа е сериозен зафат заради што Владата мора да понуди нешто. Оваа студија покажува дека има неколку начини како да се направи тоа, дека во дел е можно да се дадат и патарини, субвенции, но и други правци. Да видиме како ќе стигне во фазата на договарање. Зависи од компанијата, односно колку компании ќе се пријават. Тогаш доаѓа до фазата на преговарање и договарање, која е исклучително тешка и напорна. Но, мора да им дадете нешто за да дојдат да градат. Да направите само студија, да дојдат да ви изградат, а да не им дадете ништо, не е реално. Владата нуди права придобивка да имаат државата и граѓаните, а тој да има скромна и реална заработка на тоа што ќе го вложи. Тоа е реалниот свет.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Владо Мисајловски е објавено во 139. број на неделникот Република, 1.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мисајловски: Озбилни сте?
-
Македонија ќе победи: Мисајловски, Јанушев и Трајановски го придружуваа Мицкоски на чело на поворката во Кавадарци (фото)
-
Мисајловски: 100 нови улици во Ѓорче, ќе нема ни една неасфалтирана улица! (видео)
-
Мисајловски: Сите депонии во Ѓорче Петров ќе ги претвориме во зелени површини (видео)