Атланта хоукс и Мемфис гризлис победија во вторите натпревари од полуфиналните плејоф серии по конференции во НБА лигата и израмнија на 1-1 против Вашингтон визардс, односно Голден стејт вориорс.
Перо Антиќ одигра една од клучните ролји во триумфот од 106-90 против Вашингтон во „Филипс арената“. Македонскиот кошаркар го заврши мечот со 8 поени за 20 минути игра, а добитни за „јастребите“ беа неговите 5 поени во последниот период. Најпрво Антиќ даде тројка за предност на домаќините од 93-82, а потоа ги погоди двете слободни фрлања, со што домаќините го скршија отпорот на Визардс. Демар Керол беше најефикасен со 22 поени, а кај гостите Бредли Бил даде најмногу, 21 поен. Вашингтон играше без повредениот бек Џон Вол.
На 1-1 со триумф од 97-90 на гости Мемфис ја поништи предноста на Голден стејт и ќе има шанса на свој терен да направи предност. Мајк Конли се врати на паркетот и ги предводеше гостите со 22 поени. Зак Рендолф уфрли 20 поени во првиот триумф на Мемфис во серијата со водечката екипа во НБА по регуларниот дел. Стефон Кари беше најефикасен кај домаќините со 19 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.