| четврток, 6 декември 2018 |

Опозицијата го злоупотребува поимот слобода и демократија

Злоупотреба и монополизирање на термини и кампања со само една цел, нивна политичка – доаѓање на власт на СДСМ по секоја цена. Ова што го прави СДСМ нема никаква врска со слобода и со демократија, апсолутно никаква.

Kumanovski kongres na VMRO (12) (Custom)

 

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во завршниот говор по неговиот реизбор за претседател на партијата на 15. Конгрес што викендов се одржа во Куманово.

 

– Во Македонија има и слобода и демократија, во Македонија има Влада и владејачка партија која е подготвена со секого да дискутира за слабостите во владеењето и изразуваме јавно и недвосмислено став дека сакаме да ги поправиме нашите грешки со цел да го подобриме системот и демократското општество и амбиент, но ова што го прави СДСМ нема никаква врска со слобода и демократија – рече Груевски.

Премиерот посочи дека има и слобода и демократија, и тоа многу повеќе од некои други земји.

– Туку, суштината е во тоа како ние, а како тие во СДСМ ја разбираат слободата. Според мнозинството на граѓаните, опозицијата заедно со цел свој невладин и медиумски оркестар е таа што со самото свое дејствување докажува дека во оваа држава има и вишок слобода и демократија – рече Груевски.

Нагласи дека слободата е сила или право, да се дејствува и размислува како што секој поединец сака и избира, без пречки или воздржувања, или пак било какви попречувања.

– Сепак најмалку некој што треба да говори за слободата и демократијата во државата е опозицијата, и ова можеби за некого да звучи како богохулење, но јас тврдам дека опозицијата е најнедемократскиот фактор во државата, и ова не само поради последните случувања, туку заради една филозофија на однесување која нашата опозиција ја има во последниве 20 години. Таа е вградена во таа партија и може слободно да се сведе на една реченица – тие велат – кога се тие на власт има слобода, кога не се тие на власт, тогаш нема слобода – истакна Груевски.

Во Македонија, нагласи Груевски, опозиција делува со инструменти чие постоење и начин на делување докажува само по себе дека постои демократија и слобода.

– Во нив се, невладиниот сектор, каде доминира опозицијата со потрошени 10-тици милиони евра годишно, секоја година за проекти, некои и корисни, но најчесто за пропаганда и оцрнување на власта, медиумите, каде под директна контрола на опозицијата, финансиска и уредувачка се 2 национални телевизии и една кабловска, од вкупно 6 национални, 3 дневни весници од вкупно 6, над 30 интернет портали за кои трошат грдни пари да ги финансираат, итн., потоа, разни интересни групи, за чие финансирање исто така фрлаат куп пари, а со една цел, проблематизирање на владините проекти по секоја цена и слично – појасни Груевски.

Според него, опозицијата ја спомнува слободата во Македонија во контекст на злоупотреба на поимот.

– Практично веќе долг период, посебно по катастрофалните порази кои опозицијата ги имаше до 2009 тата година, таква работа не се ни спомнуваше, но во очигледен сопствен недостиг на концепт, план, легитимна политичка стратегија, тие почнаа својата политичка агенда да ја потпираат на еден збор, а тоа е – слобода. Односно, и формата на организирање која произлегува од слободата, тоа е демократијата, посочи Груевски.

Досега не слушнавме ништо ново програмски од опозицијата, додаде освен напади врз основа на кои ја градеа својата приказна за слободата, и нивната наводна борба против нашиот, како што тие го нарекуваат недемократски режим.  Јавноста, а особено новинарите многу добро помнат каква слобода на говор имаше во времето на СДСМ. Меѓу најголемите афери од тоа време е аферата „Фабрика“, кога челниците на сегашната опозиција беа најмувани новинари да пишуваат промотивни текстови за СДСМ платени со државни пари. Да потсетиме и на аферите Надеж 1 и Надеж 2 каде со пари од кабинетот на Црвенковски беше платена стратегија за уривање на легитимно избраната влада.

Во партијата на Бихаќка јавно се етикетираат и навредуваат новинари. Новинарите од таму добиваат закани врз нивниот физички интегритет. Само во изминатиов кус период имаше низа случувања кога новинари беа вербално и физички напаѓани од најгласните пулени на партијата во опозиција. Нападнат беше новинарот на МИА Бобан Нонковиќ, Јанко Илковски беше со закани пречекан пред својот дом, новинарот Антонио Димитриевски беше нападнат на своето работно место. Вербално “линчувани“ беа новинарите Душица Мрѓа, Гоце Михајловски, како и Боби Христов, затоа што поставуваа професионални прашања кон Заев и други опозиционери во своите интервјуа. Веднаш по објавувањето на интервјуата, овие новинари беа етикетирани и жестоко напаѓани на социјалните мрежи.

Груевски и од Куманово потсети на времињата кога медиумите имаа забрана од СДСМ да доаѓаат на прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Се сеќавам на времињата на апсолутни владеења на СДСМ, во кои се случуваа најстрашните работи кои може човек да ги замисли, од атентати, до шверцови под покровителство на тогашните власти, кражби на фабрики, неразјаснети убиства и самоубиства со по два куршума, потоа ликвидации и престрелки по улици, па пак по некој шверц со цигари, нафта, кокаин. Па по некој судија ќе наместеа, се сеќаваме сите на изборот на над 600 судии во еден ден, без присуство на опозицијата во парламентот. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ бојкотираше. Е тогаш имаше демократија, нели? – рече премиерот.

Во поново време, јавноста се соочува со формирањето на разни пленуми со кои многу очигледно се манипулира. Опозицијата за свои ситни политички игри, манипулира и со деца, студенти, наставници. Голата политичка реторика на овие групации ја направи провидна својата позадина зад која јасно е дека се крие СДСМ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top