Во пресрет на 2 август и големиот празник Илинден, во Охрид ќе гостува познатиот пејач Здравко Чолиќ, објави „Охрид нет“. Тој ќе настапи на 1 август на стадионот „Билјанини извори“, по нешто повеќе од една година од големиот скопски концерт, кога настапи во арената „Борис Трајковски”.
На гостувањето во Охрид, концертот што се најавува како еден од најголемите настани за ова лето, Чолиќ ќе ги отпее најголемите хитови од својата неколкудецениска кариера. Организаторите најавуваат незаборавна забава со многу изненадувања. Здравко е посебно и емотивно врзан со Охрид, каде што речиси секоја година навраќа со семејството, затоа што тука има и неколку блиски семејни пријатели.
– Уживам кога сум во Охрид. Каде и да одам на одмор, секогаш наоѓам време барем на неколку дена да дојдам во градот кој ми дава мир и ме полни со позитивна енергија. Кога сум овде, се чувствувам како да сум во рајот. Нема место на планетата Земја кое може да ми го замени Охрид, затоа сум посебно среќен што токму таму летово ќе имам концерт – вели Чола, кој во Охрид и овојпат доаѓа со целото семејство и ќе остане неколку дена.
Билетите за концертот во Охрид ќе бидат пуштени во продажба деновиве.
Инаку, токму љубовта кон Охрид го натера и дел од кадрите за видеото за темата „Ватра и барут“ од актуелниот истоимен албум да ги сними таму. Во спотот се појавува и неговиот пријател и соработник Влатко Стефановски, кој и му гостуваше на последниот албум, како и манекенката Натали Грубовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.