Од 7 до 10 мај во Скопје ќе се одржат четири дена со филмскиот режисер Милчо Манчевски, посветени на јубилејот 20 години од „Пред дождот“ и целокупното негово творештво. Во кината „Милениум“ и „Фросина“ премиерно ќе бидат емитувани на големото платно новите ремастерирани дигитални копии на филмовите на Манчевски.
Четирите дена со Манчевски почнуваат в четврток (7 мај), во 20 часот, во киното „Милениум“ со светска премиера на дигиталната копија на „Пред дождот“. По проекцијата ќе следува разговор на Манчевски со гледачите, пренесуван и за пошироката публика, во живо преку Интернет. Прашања ќе може да се поставуваат преку социјалните мрежи.
Во наредните денови во киното „Фросина“ следат проекции на останатите негови филмови, како и забави и дружење по нивното завршување.
Во рамките на манифестацијата е предвидена трибина и промоција на монографијата за целосниот опус на Манчевски.
– Оваа манифестација претставува и прва ретроспектива на делата на Манчевски во Македонија, а ќе ги опфати и другите уметнички творби на нашиот светски признат уметник. Во текот на овие четири дена ќе бидеме во кругот на Манчевски. Поводот е „Пред дождот“, неговата универзалност и безвременост, неговото предавање во наследство на следните генерации“ – истакна Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија кое e организатор на настанот.
Влезниците се бесплатни и ќе можат да се подигнат во билетарниците на кината „Милениум“ и „Фросина“. Дигитализацијата на филмовите е финансирана од Министерството за култура на РМ, а настанот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.
Манчевски – „маестрото од Македонија“ – се искачи на пиедесталот на светската филмска уметност, освојувајќи го „Златниот лав“ во Венеција со филмот „Пред дождот“. Оттогаш, тоа „злато“ е дел од светската филмска антологија.
Многу ретко се случило малата Македонија во светот да ја сметаат за рамна на себе, а што е уште поважно и ние самите така да се чувствуваме. Громогласниот аплауз со кој светот ги прими филмовите на Манчевски за нас не беше само сплотувачки фактор, туку и извор на самодоверба и национално самочувство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.