| четврток, 6 декември 2018 |

Бројот на жртвите во Непал надмина 7 илјади

непал

Повеќе од седум илјади луѓе загинаа во разурнувачкиот земјотрес со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер кој на 25-ти април го погоди Непал, објави во саботата националниот Оперативен центар за вонредни состојби.

Откако во петокот беше објавена бројката од 6.621 загинат и 14.023 повредени, според податоците од саботата „бројот на жртвите изнесува 7.040, и уште 14.397 настрадани“, пренесува американската телевизиска мрежа CNN, повикувајќи се на Оперативниот центар за вонредни ситуации на Непал.

Станува збор, засега, за втората според бројот на жртвите природна катастрофа којашто ја погодила оваа хималајска земја во последните осум децении, по земјотресот од 1934 година, кога биле регистрирани 8.500 жртви. Непалскиот премиер Сушил Корила изјави два дена по земјотресот дека можеби загинале дури 10.000 луѓе, како и дека од стихијата се погодени 8 милиони луѓе, од вкупно 28 милиони.

Според непалскиот центар за справување со вонредни состојби, стихијата целосно разурнала повеќе од 138.000 домови и 10.000 објекти, меѓу кои се и многу обновени древни споменици на културата.

Непалските власти објавија во саботата дека повеќе не очекуваат да пронајдат преживеани под многуте урнатини. „Ќе претставува вистинско чудо доколку биде пронајден некој преживеан. Но ние не се откажуваме сосема, продолжуваме со потрагата“, изјави за локалните медиуми, претставникот на министерството за внатрешни работи, Лаксми Дхакала.

Земјотресот кој точно пред една седмица го погоди Непал, имаше магнитуда од 7,9 степени. Неговиот епицентар беше на 82 километри северозападно од престолнината Катманду, на длабочина од 15 километри. Оттогаш се регистрирани беа околу осумдесет последователни потреси од кои најсилни беа два од вториот ден од стихијата со магнитуди од 6,4 и 6,7 степени

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top