Сеизмолозите регистрирале 74 последователни потреси во Непал по катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер што ја погоди оваа хималајска земја на 25 април, додека бројот на жртвите надмина шест илјади.
Последователните земјотреси биле со многу помал интензитет отколку главниот удар, и нивната магнитуда била меѓу 3,2 до 6,9 степени. Последниот е регистриран во средата ноќта во 22.45 часот по локално време, или 19.16 часот по македонско време. Неговиот епицентар бил на 20 километри од источната престолнина на Непал, и повторно многу плитко, на само 5 километри длабочина.
Подземните удари продолжиле да се чувствуваат и во индиската престолнина Њу Делхи, како и во северните и североисточните индиски држава, каде што загинаа над 60 а повредени беа околу 250 луѓе, како и во Мјанмар, Бангладеш со две жртви и Тибет каде се пријавени 16 жртви.
Се претпоставува дека станува збор за најголемиот земјотрес што го погодил Непал во последните 80 години, а во вторникот премиерот Сушил Корила изрази стравување дека бројот на загинатите може да надмине 10.000. Во последниот голем земјотрес во Непал, во 1934 година, загинале 8.500 луѓе.
– Повеќе од шест илјади тела на загинати се пронајдени под урнатините – изјави во средата непалскиот вицепремиер Бам Дев Гуатам за индиската новинска агенција „Прес траст оф Индија“. Додаде, исто така, дека бројот на повредените надминал 11 илјади.
Досега е познато и дека потполно се уништени 1.914 станбени објекти, а значителни оштетувања се пријавени на 4.184 домови. Но тоа не се конечни бројки, бидејќи властите воопшто немаат сознанија што се случува во планинските области од земјата.
Податоците за загинатите и за повредените се разликуваат од извор до извор, забележуваат агенциите, бидејќи информациите бавно пристигнуваат од сите области на земјата. Националниот центар за вонредни состојби на Непал на својот официјален акаунт на „Твитер“ бјави дека загинале 5.238 луѓе а уште 10.348 се повредени. Министерството за внатрешни работи, пак, на својата официјална интернет страница објави за 5.266 загинати и повредени 7.605 луѓе. Најголем број жртви има во градот Катманду, каде загинале 1.139 луѓе.
Се проценува дека без покрив над главата останале најмалку 500.000 луѓе, на кои засега им се поделени 4.700 шатори и 11.800 церади.
Според локалните медиуми, дистрибуцијата на помошта не се довива доволно брзо, и повеќето настрадани сè уште ноќеваат на отворено, и покрај тоа што во некои области се временските услови се влошиле и почнало да врне. Тоа предизвика револт и судири меѓу локалното население во Катманду и полицијата, кога над 200 луѓе протестираа пред парламентот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



