Деца седнати пред компјутер по цел ден, играат игри на таблет или на мобилен телефон, со искривен ’рбет следат часови на училиште, физички се неактивни и се со зголемена телесна тежина. Сево ова резултира со мрзлива нација, која сѐ помалку се движи, а има сѐ повеќе проблеми со локомоторниот апарат. Болки во грбот, во колената, колковите, дискус хернија, остеопороза се најчестите проблеми со кои се среќаваат физијатрите во својата практика. Искуството на д-р Ирина Поп-Димитрова – Митревска, специјалист по физикална медицина и медицинска рехабилитација во „Промедика медикал центар“ вели дека овие проблеми се резултат на денешното време и на денешниот начин и стил на живеење. Проблемот со ’рбетот го имаат сите уште од најрана возраст.
Што е физијатар и со што се занимава физијатријата како специјалистичка и супспецијалистичка гранка од медицината?
ПОП-ДИМИТРОВА: Физијатар е лекар специјалист по физикална медицина. Негово поле на специјализација е физикалната медицина и рехабилитацијата и се занимава со превенирање, терапија и со спречување проблеми, односно сѐ што влегува во локомоторниот апарат составен од коски, мускули, нерви и од зглобови. Често се мешаат физијатрите и физеотерапевтите. Физијатарот е лекар со специјализација по физикална медицина, а физиотерапевтите се со средно медицинско училиште или висока школа и се, исто така, едуцирани. Физијатарот ја препорачува терапијата, физиотерапевтот ја спроведува според протоколите препишани од физијатарот. Полето на работа на физијатарот е широко – ние третираме заболувања од локомоторен систем, невролошки заболувања, мозочни удари, периферни повреди, трауми, сообраќајни несреќи, хронични нервни заболувања како Паркинсонова болест, мултиплекс склероза. Покриваме дел од ортопедија, трауматологија, неврологија, детска хирургија, ревматологија, кардиоваскуларни заболувања, односно третираме постинфарктни состојби, аритмии и навлегуваме во интернистичкиот дел, тоа значи респираторни заболувања.
Кои се најчестите заболувања на локомоторниот апарат составен од коските, мускулите и од зглобовите (тетивите и лигаментите)?
ПОП-ДИМИТРОВА: Најголем проблем што јас би го издвоила и изолирала е ’рбетниот столб. Тоа го покажува моето искуство, а е резултат на денешното време и на денешниот начин и стил на живеење. Проблемот со ’рбетот го имаат сите уште од најрана возраст. ’Рбетниот столб би го опишала како едно дрвце на кое е закачена целата тежина. Замислете каков и колкав товар постојано носи на себе тој ’рбет? Многу е важно како растат децата, какви навики имаат, дебелината. Корените на проблемот, според мене, се во раното детство, а подоцна се рефлектираат со пасивно седење, физичка неактивност, индиферентност кон своето тело и тоа потоа дава негативен резултат. Тие промени, ако уште во најрана возраст не се спречат, во подоцнежни години ќе се рефлектираат со остеопороза. Мерењата покажале дека децата што се физички активни нема да развијат остеопороза. Таа се јавува кај луѓето што се физички неактивни. Оттука потекнува најголемиот и најсериозен проблем што сите нѐ засега. Денес Западот почна да презема мерки и една наука ја модификува и ја нарече ергономија. Постои плејада од испитувања и научно докажани тврдења, кои ни кажуваат како треба да се однесуваме со нашето тело, како да се движиме, спиеме, седиме, како да се наведеме пред да подигнеме нешто тешко. Исто така, важна е генетиката, но не значи дека ако вашата мајка има остеопороза и вие ќе ја имате. Веројатноста е поголема, но ако навреме преземете мерки, поверојатно е дека нема да имате остеопороза во подоцнежните години.
Кои се главни причини за овие заболувања?
ПОП-ДИМИТРОВА: Стилот на живот, физичката неактивност. Најстрашно е што постои пасивност, луѓето не сакаат да се движат. Секојдневно работам со пациенти и само 10 до 20 проценти од нив имаат голема желба да се коригираат и да бидат физички активни. Другите сметаат дека само физикалната терапија им е доволна. Таа треба да ги поттикне, да ги раздвижи, да помогне, но физикалната терапија не може да намести дискус хернија. Физикалната терапија е софистицирана наука, која има прогресивно дејство. Ги едуцираме пациентите како да вежбаат, како да се движат, даваме совети за тежината и го пуштаме пациентот едуциран да знае што да прави понатаму, како да се заштити. Кај мал број пациенти имаме повратна информација. Таму каде што ја има, резултатот е очигледен. Ние не сме магионичари. Нашиот успех во физикалната медицина е да го запреме влошувањето на состојбата.
Колкаво влијание имаат компјутеризацијата на општеството, недоволната физичка активност, лошата исхрана и прекумерната телесна тежина во појавата на болестите, или повредите на коскено-мускулно-зглобниот систем?
ПОП-ДИМИТРОВА: Тоа се најтешките фактори на ризик. Сите овие се фактори на ризик и порано или подоцна ќе создадат услови да се развие некое дегнеративно заболување. Ќе страдаат зглобови, лигаменти, тетиви, ’рскавици, потоа и ’рбет, колк, колено. Искуството покажува дека постои индиферентност кај родителите врз развојот на децата. Порано се растеше со играње ластик, топка, џамлии, се трчаше. Денес децата не излегуваат надвор. Не играат. Коренот на проблемот кај децата го гледам во обврските на родителите. Денес децата се препуштени сами на себе. Не се контролирани од родителите. Најлесно е да се вклучи компјутер, телефон, таблет и да се помине времето играјќи игри до бескрај. Родителот е среќен дека нема обврски, детето е среќно дека игра игри, а сето тоа е трагично. Новото време донесе нов тренд на живеење, повеќе часови се минуваат на работа, а децата се запоставени. Родителот треба да обрне внимание тие да се физички активни, да се занимаваат со спорт, да играат надвор. Дете не смее да седи пред компјутер повеќе од 45 минути, според ергономските протоколи. Што може да очекуваме, кога мали деца, од две-три години ги гледаме како играат на мобилни телефони или на таблети? Затоа е многу важен односот на родителите. Лошите положби, долгите седења, неправилните положби при седење, при спиење. Многу е важно и на каков душек се спие, на каква перница, на какво столче се седи. Никогаш не е еден фактор, секогаш станува збор за повеќе фактори. Тоа се генетика, неактивност, лошо држење на телото. Неодамна правевме истражување во едно основно училиште каде што беа опфатени ученици од петто до деветто одделение. Кај учениците каде што имаше отстапувања испративме допис до родителите. Одѕивот беше поразителен – само пет проценти од родителите се јавија и се заинтересираа. Како тогаш сакаме да имаме млади, здрави и витални генерации. Не знам каде ќе нѐ однесе сево ова. Свеста ни е на многу ниско ниво. Децата треба да јадат избалансирана храна, богата со овошје и со зеленчук и сето тоа што ќе го изедат треба да го потрошат.
Каква е дијагностиката и лекувањето на заболувањата и на повредите на коските, мускулите и на зглобовите?
ПОП-ДИМИТРОВА: Не треба да се потценува ниту една повреда. Секоја повреда остава последица. Не мора веднаш да се брза на рендген, доволно е и совет со матичен лекар, па тој ќе процени што треба да се направи.
Што е метеопатија, мит или факт? Дали и како временските промени влијаат на локомоторниот систем кај луѓето?
ПОП-ДИМИТРОВА: Метопатијата е факт. Многу често луѓето сигнализираат промени на временските услови. Најчесто тоа го сигнализираат пациенти што имаат претходна повреда. Тоа не е случајно. По извесен број години тие чувствуваат болка на местото на повредата. Ткивото околу скршена коска, исто така, страда и овие повреди не поминуваат незабележано. Најчесто тоа се хронично напреднати дегенеративни промени во колената или во колковите. Тоа се некои сигнали, кои луѓето ги чувствуваат. И генетиката, исто така, има влијание.
Сведоци сме на големи температурни разлики во последните недели. Како тоа го поднесуваат хронично болните?
ПОП-ДИМИТРОВА: Кај кардиоваскуларните болести посебно се чувствуваат температурните разлики преку покачување на крвниот притисок, проблеми со циркулацијата и слично. Во физикалната терапија не смеат да се прават терапии ако пациентот дојде со покачен крвен притисок. Физикалната терапија е многу поврзана со времето. Најдобро време за терапии е пролет и есен.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст