Рускиот вселенски товарен брод „Програс М27М“, кој поради дефект почна неконтролирано да се врти во круг, ќе биде насочен кон Земјата меѓу 5 и 7 мај и ќе согори во атмосферата, соопшти руската вселенска агенција „Роскосмос“.
Леталото не претставува закана за Меѓународната вселенска станица бидејќи нивните орбити значително се разликуваат, јави ТАСС.
– Моментално системот во вселенскиот брод е под контрола. Експерти на Роскосмос го следат движењето на бродот и навремено ќе информираат за евентуална промена на ситуацијата – се наведува во соопштението на руската агенција.
Леталото „Програс М27М“е лансирано во вторникот од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, но по одвојувањето од ракетата носач не се отворила антената за приближување на Меѓународната вселенска станица. Рускиот вселенски брод на станицата требаше да достави гориво, кислерод, апарати за научни експерименти, храна, опрема за космонаути и знамето на Денот на победата 9 мај.
Вчера беше соопштено дека вселенскиот брод неконтролирано се врти околу својата оска, на околу 30 километри од станицата, по што е прекинат обидот за поврзување.
Астронаутите во вселенската станица имаат резерви на храна и други намирници за неколку месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.