До надлежната Државна комисија годишно стигнуваат по околу 1.500 поплаки од станари за одржување на зградите.
Како што беше речено на денешната конференција „Управувањето со колективни станбени згради, можности и предизвици“, станарите најмногу се жалат на одржувањето на комуналната инфраструктура во заедничките простории.
– Секои шест месеци подготвуваме извештај до Собранието од што може да се види дека годишно добиваме околу 1.500 поплаки што не е малку, а што воедно покажува дека граѓаните го знаат патот за решавање на проблемот – изјави претседателот на Регулаторната комисија за домување Душко Кадиевски пред почетокот на конференцијата.
Според него, еден од поголемите проблеми во сегментот домување е и немањето доволно инспектори.
– Во Скопје има инспектори, но по еден за секоја општина што не е доволно, бидејќи се потребни по минимум двајца. Проблем е и тоа што инспекторите не се специјализирани само за домување, туку најчесто имаат ингеренции за повеќе дејности – нагласи Кадиевски.
Ситуацијата во другите општини низ Македонија, додаде, е поинаква. Некои се уште воопшто немаат инспектор надлежен за надзор за работата на управителите.
Изминативе години, од донесувањето на Законот за домување, управителите неколкупати иницираат одредени измени и прилагодувања. Меѓу другото бараат дефинирање на надлежностите при евентуални дефекти на лифтовите, како и можност за добивање валидни податоци за адресите на станарите од МВР, УЈП, катастарот,…
– Ги поддржуваме сите иницијативи за подобрување на Законот за домување, но секогаш сме на страната на граѓаните, а не на управителите зашто тие едноставно треба да го одработат она за што се платени – рече Љубиша Јовановски од Министерството за транспорт и врски, додавајќи дека е добро аргументите да се стават на маса, да се разгледаат и најдобрите од нив да се прифатат.
Според невладината „Хабитат Македонија“ која со проблематиката на домување се занимава најмалку четири години, за дел од проблемите се одговорни и станарите.
– Согласно Законот, освен за своите станови, граѓаните треба да водат сметка и за заедничкиот простор во зградата. Не ретко наспроти нивниот убаво уреден дом, сликата во ходниците на зградите е сосема поинаква – валкани и пожолтени ѕидови, нефункционални лифтови, смет пред вратите – рече заменик-директорот на „Хабитат Македонија“ Лилјана Алчева.
Во Македонија засега има вкупно 33 лиценцирани управители на згради, а уште пет се во процедура за добивање лиценца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.