| четврток, 6 декември 2018 |

Московици: Преговорите со Грција не одат доволно брзо

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московици изјави дека разговорите меѓу Грција и нејзините кредитори за постигнување договор се водат „под подобри услови“, по воспоставувањето политичка група за преговори со Атина, но, сепак, додаде дека „преговорите не одат доволно брзо“.

– Преговорите се сериозни, затегнати и има напредок, но не се доволно брзи и начинот е неефикасен – рече Московици додавајќи дека сега на маса треба да се стави „согласна, сеопфатна и кохерентна програма за реформи“.

Осврнувајќи се на новиот преговарачки тим, европскиот комесар рече дека „имаме тим, кој се чини оти е повеќе кохерентен, по сѐ изгледа повеќе подготвен за реформи“.

– Но, сакам резултати. Верувам дека овие преговори кои сега се формираат под подобри услови, сѐ уште не се завршени – додаде тој истакнувајќи дека сега сѐ е „итен случај“.

Она што е важно, според Московици, е дека Ципрас ги презема преговорите и испраќа во Брисел свои луѓе, луѓе од доверба со кои може да се разговара.

– Од оваа гледна точка тоа е добар знак… ЕУ сака Грција да остане во еврозоната и не постои план Б, не постои друго решение – истакна Московици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top