| четврток, 6 декември 2018 |

Три фабрики и над три илјади нови работни места во охридско-струшкиот регион

Gruevski press bomba 8 (Custom)

​Три фабрики и над три илјади нови работни места за охридско-струшкиот регион најави премиерот Никола Груевски на народниот собир кој денеска се одржа во Охрид.

– Тоа се конкретни резултати од нашата работа! Тоа е ВМРО-ДПМНЕ – рече Груевски, потсетувајќи на сѐ што досега било направено во овој регион.

– Во август 2014 година ја започнавме изградбата на ТИРЗ Струга-Охрид, на површина од 30 хектари. Зоната во која инвестираме пет милиони евра и која директно придонесува за привлекување на странски инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните, инфраструктурно е во финална фаза и веќе летово ќе биде оперативна и ќе почнат да се градат првите фабрики во неа. Првата фабрика која ќе почне да се гради во неа е на германската компанија од автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“, која веќе најави инвестиција во оваа зона во висина од 15 милиони евра и планирани илјада нови работни места за Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и пошироко – рече Груевски.

Оваа компанија која ќе произведува жичани инсталации за автомобилската индустрија веќе работи во браунфилд хала и вработи 60 лица, а до крајот на овој месец ќе го комплетира и вториот инвестициски циклус за набавка на опрема.

– Денес сакам да најавам дека „ОДВ Електрик“ во јуни започнува и со изградба на својот гринфилд објект во зоната кој треба да биде готов во првите месеци од 2016 година. Додека оваа фабрика биде изградена, во браунфилдот во кој веќе се работи бројката на вработени од 60 лица ќе се зголеми за два до трипати што значи стотина нови вработувања во компанијата до крајот на годината – рече првиот човек на ВМРО ДПМНЕ на собирот во Охрид.

Втора, исклучително важна инвестиција за овој регион е од германска компанија од автомобилската индустрија – „Костал“.

– „Костал“ ќе инвестира 80 милиони евра во период од 10 години и планира да вработи илјада граѓани од овој регион. Оваа компанија најдоцна на почетокот на 2016 година почнува со градба на фабриката која треба да биде готова до крајот на следната година. Но, сакам да истакнам една позитивна вест, „Костал“ најдоцна наесен ќе започне со работа во браунфилд хала и ќе почне да ги реализира и првите вработувања, кои додека се изгради гринфилд капацитетот ќе достигне 200 нови работни места. Тоа се две огромни фабрики во охридско-струшко кои дури работат во браунфилд халите ќе вработат 300 до 400 работници, а кога ќе станат оперативни новите фабрики ќе вработат најмалку 2.000 вработени – рече Груевски.
Тој најави дека вработувања и фабрики ќе има и во Кичево.

– Американската компанија „Ки Сејфти Системс“ која произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија веќе објави одлука да инвестира 20 милиони долари во Кичево и да реализира 1.000 нови вработувања. Оваа компанија веќе ги започна подготвителните работи за изградба на својата фабрика во кичевската зона и оваа фабрика се очекува да биде завршена до крајот на оваа година. Она што е битно и сакам да го истакнам е дека моментално компанијата работи во браунфилд халата и има веќе 60 вработувања, а до крајот на годината додека работат таму и додека стане оперативна гринфилд фабриката ќе се вработат уште 250 работници. Кога фабриката ќе стане оперативна тој број ќе дојде до илјада работници – додаде Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top