| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски: СДСМ создаваат фама, страв и несигурност, а ние мерки за подобрување на животниот стандард

pesevski kriva palanka

Секој кој се занимава со политика има амбиции да ја води државата, но многу е важен начинот како, а тука е главната разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, изјави вчера вицепремиерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски на трибината во Крива Паланка.

Не е добро да се влезе во една битка без да се биде свесен за последиците кои ќе влијаат на граѓаните. Треба да се води сметка да не им се нанесе штета на граѓаните, а не само да се гледаат личните интереси. Тука е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и тоа многу поранешни гарнитури на СДСМ. Политиката базирана на добар говор и ветувања е минато. Добро е да се слушне се што се ветува, но треба да се води сметка за тоа што тоа му значи на секој граѓанин и што придонесува за него – рече Пешевски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која ја базира својата политика врз принцип на отчетност, програма, реални проекти и одржан збор.

Не постои човек кој изминатите осум-девет години не бил лично допрен од проектите на Владата и ВМРО-ДПМНЕ. Не тврдиме дека сме совршени, но она што е реално направено е неспорно. Не постои сегмент во кој нешто е направено, а да не е многу повеќе од сите поранешни гарнитури на СДСМ. Тука само ќе ги споменам социјалните групи, пензионерите, чии што пензии како никогаш досега освен што се исплаќаат редовно неколкукратно и беа зголемени. Направени се реформи во образованието и тоа во сите сегменти – основно, средно и високо. Социјалната помош ќе се зголеми за 10 проценти, а само во Кривопаланечко од почетокот на проектот за субвенции во земјоделството се исплатени околу осум милиони евра – рече Пешевски додавајќи дека тоа е реална политика, реални проблеми со конкретни решенија.

Според него, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да се креираат политики и мерки сплотени една со друга кои придонесуваат за општо добро и развој на државата. Пешевски ги повика кривопаланчани да се потсетат како функционирале споменатите сегменти од општеството во времето на СДСМ.

Сами проценете дали е добро да се продава празна реторика или да се зафатите со решавање на проблемите на граѓаните, она што го прави ВМРО-ДПМНЕ. Овој период на криза е идеален за споредба помеѓу концептите на работа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Изминатиот период СДСМ објави 30-ина „бомби“, додека ние понудивме над 60-ина реални мерки кои влијаат за подобрување на животот на граѓаните. Тие создаваат фама, страв и несигурност, а ние мерки за подобрување на животниот стандард. Тоа е разликата во нашата концепција – рече Пешевски.

Пешевски рече дека ќе дојде период овие концепти да се судрат на избори, а народот е тој кој треба да одлучи кој владее добро.

Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ дефинираше нови политички стандарди во Македонија со пишана програма, проекти и отчетност и тоа е концептот со кој владее, додека СДСМ девет години е во опозиција, а не понуди никаква програма и никакво реално решение за ниту еден проблем на граѓаните.

Вие ќе го донесете судот. Бидете сигурни дека иднината на РМ е во сигурни раце и нека не ве колеба ништо. Бидете сигурно во ова и вашиот суд бидејќи на крајот секако Македонија ќе победи – порача Пешевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top