Почитувањето на работничките права, информирањето и консултирањето на работниците за клучните чекори на компанијата и нивното вклучување во донесувањето одлуки ќе донесат поголем профит, подобри услови за работа и задржување на квалитетниот работен кадар во земјава.
Тоа е пораката од конференцијата „Информирање и консултирање со вработените во насока на подобро управување на компаниите“, која се одржа денеска во организација на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
На конференцијата експерти и претставници на синдикати од металската индустрија на Португалија со работодавци и синдикати од земјава дебатираа за ефектите од примената на европските директиви за информации и консултации со работниците, за организирање работнички совети, за статутот на европската компанија и за директивата за прекугранично спојување на компании со ограничена одговорност.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија, директивата за информации и консултации со работниците веќе сериозно се применува во Европа, а такви активности треба да бидат практика и во државава. Порачува домашните компании и странските инвеститори да ги почитуваат работничките права.
– Самото вклучување во управувањето значи и сигурност за работниците, односно тие што ги претставуваат работниците можат да пренесат план, програма и информација, знаење, концепт и перцепција за одржливост на компанијата. Кога се одлучува, заеднички се одлучува на консензуален начин и се управува со компанијата, со што се преговараат и условите, мотивацијата и начинот на кој се работи – изјави Бошков.
Компаниите во Македонија, коишто имаат синдикати и работнички совети, според него, треба да ги истакнат своите добри практики.
– Има компании кои веќе следат подобри модели, односно етички кругови, кои се формираат по потреба на работно место или на секторен дел од компанијата или во самиот менаџмент. Меѓутоа, тие се ретки и треба да се истакнуваат и затоа го правиме ова за да ги потсетиме компаниите дека покрај профитот можат да остварат и многу поголема добивка имајќи задоволни работници – рече Бошков.
Алберто Симонс од португалскиот Синдикат на металската индустрија порача дека работите во однос на почитувањето на работничките права мора да се променат со оглед на тоа што Македонија е кандидат за членство во ЕУ.
– Воведувањето на новите директиви се фокусира на социјалниот дијалог односно вклучување и на работодавачите и на синдикатите во клучните процеси. Европската унија навистина смета дека овие директиви поврзани со социјалниот дијалог се важни, а во Португалија веќе имаме успешни искуства поврзани со социјалниот дијалог.Во процесот на закрепнување од големата финансиска криза социјалниот дијалог имаше многу важна улога бидејќи и работодавачите и синдикатите увидоа дека ова е најдобриот можен начин за решавање на проблемите – изјави Симонсо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.