Првите одлуки со кои треба да се избегне државен банкрот се донесени – парламентот во Никозија изгласа Фонд на солидарност, како и ограничување на протокот на капитал. Но најважниот дел од спасувањето се‘ уште претстои.
Неколку дена пред истекот на ултиматумот на ЕУ, кипарскиот парламент вчеравечер (22.03) презеде првични чекори за спас на земјата од државен банкрот. Пратениците во Никозија со мнозинство гласови одобрија ограничување на протокот на капитал и создавање Национален фонд на солидарност за рекапитализација на банките. Донесен е и закон за реструктуирање на банкарскиот сектор. Со тоа, меѓу другото, е донесена одлука за поделба на една од големите банки во земјата (Лаики Банк) на регуларен финансиски институт и таканаречена Бед Банк.
Фондот на солидарност треба да се наполни, меѓу другото, и со средства од Фондот за пензиско осигурување, како и од Православната црква на Кипар. Тоа е дел од пакетот мерки кои треба да го отворат патот за меѓународна финансиска помош. Кипарските пратеници, освен тоа, ја ополномоштија Владата да донесе мерки за контрола на протокот на капитал. Со тоа би требало да се спречи масовен одлив на капитал од земјата кога банките, кои се затворени од минатиот викенд, повторно ќе бидат отворени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.