Утре (22.4.), со почеток во 19 часот, во рамките на циклусот концерти „Од творештвото на…“ ќе се одржи концерт во чест на јубилејот на македонскиот композитор проф. д-р Томе Манчев. Концертот ќе се одржи во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а ќе настапат студенти од вокално-инструменталните оддели на ФМУ.
-Особена чест ми е што овој пат во рамките на циклусот „Од творештвото на…“ факултетот одбележува јубилеј на еден од нашите најистакнати композитори, а воедно и долгогодишен професор на нашиот факултелот, проф. д-р Тома Манчев, а по повод 65 години од неговата раѓање. Бројните дела на проф. Манчев се од огромно значење за македонската култура, вели Деканот на ФМУ – Скопје, проф. Гордана Јосифова-Неделковска.
Организатор на концертот е Факултетот за музичка уметност во Скопје во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ.
Иако својата музичка дарба ја манифестирал многу рано, оддалеченоста од специјализираните центри за музичка едукација била причина активното занимавање со изучување на музиката да го започне релативно доцна, по завршувањето на гимназијата. Затоа, пак, интензитетот на тој допир бил и силен и екстензивен. На тогашната Висока музичка школа во Скопје, најнапред дипломирал на наставно-теоретскиот, а потоа на композиторскиот оддел во класата на академик проф. Властимир Николовски. Во последните години од студиите посетувал повеќе семинари и курсеви (Грожњан – Хрватска, Општин – Полска) каде што ги слушал предавањата на големите мајстори на композиторскиот занает на дваесеттиот век: Витолд Лутославски (Полска), Пјер Шефер (Полска), Андре Лпорт (Белгија), Најџел Осборн (Англија) и др. Од 1980 до 1981 година Томе Манчев специјализира композиција во Прага, во класата на Јиржи Дворжачек, а од 1982 до 1988 г. во класите на Јиржи Дворжачек и Јозеф Церемуга каде што дипломира на највисокиот степен на студии: уметничка аспирантура на Прашкиот музички факултет. Во 1999 година станува доктор на музички науки на Државната академија „Панче Владигеров“ во Софија (Р. Бугарија), под менторство на Димитар Сагаев со трудот „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“.
По дипломирањето Манчев, паралелно со творечката, развива богата педагошка дејност во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што освен предавањето, дел од главните стручни предмети (оркестрација, познавање музички инструменти, основи на оркестрацијата, техники на компонирање на 20 век, анализа на музичко дело, методологија на научно истражување и др.), води и своја композиторска класа. Од неа до сега се излезени дел од претставниците на најмладата генерација македонски композитори: Валентина Велковска – Трајановска, Михајло Штерјов, Вулнет Таири и др.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.