Во Центарот за култура Битола, домаќин и организатор на 17. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2015“ денеска беше промовирана фестивалската програма на која ќе бидат презентирани 11 монодрами од 10 држави во Европа.
Селекцијата на монодрамите ја изврши македонскиот актер Петар Мирчевски, а претседател на стручното жири годинава е истакнатиот руски актер Јуриј Назаров кој ќе има задача да ја додели наградата гран при, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура Битола.
– Интересот за учество на фестивалот беше голем, а квалитетот на монодрамите поголем од ланскиот и слободно може да се каже дека претстои најквалитетното издание на ИФ на монодрама „Битола 2015“. Во конкуренција се 11 монодрами од Романија, Израел, Турција, Србија, Хрватска, Бугарија, Украина, Велика Британија и од Македонија, а надвор од конкуренција ќе биде изведен театарско музичкиот перформанс „Женски судбини“ со актерки од театарот „Тагањка“ од Москва – истакна Димитровски на денешната пресконференција.
На 17.издание на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2015“ ќе бидат одиграни три монодрамски претстави од Македонија, од нив и една премиера, претставата „Delirium Tremens” во режија и изведба на Игор Трпчевски од Народен театар „Војдан Чернодрински“Прилеп. Во чест на учесниците на фестивалот, на свеченото отворање, на 24 април ќе биде одиграна претставата „Животот на Молиер“ на МНТ Скопје од Михаил Булгаков во режија на Александар Поповски, а на свеченото затворање, на 28 април ќе биде одиграна претставата „Не се клади на енглези“ исто така на МНТ Скопје чиј автор е Владимир Ѓорѓевиќ во режија на Синиша Ефтимов, потврди Димитровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.