Масакрот на 150 студенти во просториите на универзитетот во Гариса, Кенија не е големо изненадување, ако се има предвид вмешаноста на кениски воени трупи во борбата против Алшабаб во Сомалија. Тоа што беше изнендувачко во целата ситуација е медиокритетот на западните медиуми во известувањето за убиствата, посебно малиот медиумски простор за оваа вест, слично како со масакрите во Бама и во Буни Јади. Сите тие чинови се ужасни и светот требаше да ги осуди и да им даде поддршка на семејствата и на земјите на загинатите. За жал, целото светско внимание беше насочено кон нуклеарните преговори и групата П5+1. Многу различно од масакрот во францускиот весник „Шарли ебдо“, на кој меѓународните медиумски куќи му доделија целосен публицитет и 24-часовно медиумско покривање со жалење и со огромна емпатија за ужасниот чин.
Токму сега можеме слободно да се посомневаме во независноста на меѓународните медиуми ако направиме критички осврт на нивната пристрасност во известувањето за меѓународни настани. Едно од најконтроверзните известувања досега беше минатогодишната војна меѓу Израел и Палестина. Многу канали што 24 часа известуваат за настаните посветија повеќе од два дена да ја покријат приказната за да го зачистат нередот што го направи агресорот во војната. Еден новинар во Обединетото Кралство беше и отпуштен од весникот поради тоа што известувал за војната и за нејзиното влијание врз Палестина. Тоа е непрофесионално и неприфатливо. Треба да се спомене и дека убиствата во Данска од страна на терористот Брејвик добија целодневен медиумски простор.
Медиумските куќи се двигатели на масовната пропаганда. „Би-Би-Си“ е британски медиум. „Си-Си-Ти-Ви“ е кинески. „Прес Ти-Ви“ е ирански, а „Гласот на Америка“ е американски. Сепак, медиумите треба да бидат професионални и отворени во известувањето за важните настани. Зошто има пристрасност?
И покрај тоа што светските медиуми се окупирани со велигденските чествувања, мала група луѓе се обидува да го пренасочи вниманието кон неодамнешен инцидент, кој се чини дека многу брзо беше заборавен.
На 2 април, милитантите од организираната група Алшабаб го нападнаа универзитетот во кенискиот град Гариса оставајќи зад себе 147 невини жртви.
Ова не е првпат Алшабаб, која оперира во Сомалија, да предизвика такви нереди во Кенија. Групата, која во изминатите години регрутира сè повеќе млади Кенијци во своите редови, ја презеде одговорноста и за нападите во трговскиот центар „Вестгејт“ во Најроби, Кенија во 2013 година, кога имаше 67 жртви.
Алшабаб веќе прогласи верност кон Ал Каеда и тврди дека сака да втемели муслиманско владеење во Сомалија, во што речиси и ќе успееше ако меѓународни обединети сили не интервенираа за да ѝ ги расипат плановите во последен момент.
Но, целта на оваа статија не е да елаборираме за терористичките напади и за последиците, туку неправедниот третман на африканските жртви од страна на целиот свет. Сè повеќе Африканци го поставуваат токму тоа прашање на разни друштвени мрежи и воопшто на интернет – зошто ѕверските напади врз Африканците не наидуваат на голем гнев и поддршка од меѓународната јавност?
Тие ги споредуваат овие напади со нападот во редакцијата на „Шарли ебдо“ во Франција, кој се случи во јануари 2015 година и предизвика турбулентни меѓународни осудувања. Имаше 12 жртви и 11 повредени. По нападот, светот се обедини во осудите на инцидентот, а „#Јас сум Шарли“ стана мантра за солидарност против терористи што се обидуваат крваво да ја задушат слободата на говор.
Дури и многу светски значајни настани, како церемониите за доделување „Оскар“ и „Златна топка“ на ФИФА, имаа посебни сегменти посветени на движењето „#Јас сум Шарли“. Поддршка за жртвите и за весникот не изостанаа од ниту една страна на светот. Многу светски лидери се собраа заедно осудувајќи го нападот и се приклучија на мирните протести во Париз.
Но, неодамнешниот инцидент во Кенија, во кој имаше 147 жртви, не ја погоди многу меѓународната јавност. Нема споменувања, нема меѓународна поддршка, нема протести, нема слогани.
Од 147 жртви, 142 беа студенти. Некои студенти преживеале затоа што се скриле, а други глумеле мртви. Еден студент што се криел во шкаф бил спасен дури по два дена бидејќи му било страв да излезе.
Жртвите и тие што сочувствуваат со нив се обидуваат да ни ја покажат реалната брутална слика на насилството во Африка, кое во меѓународните медиуми не добива многу простор и е третирано како секојдневие. Трагично е што и ниту еден лидер од Африканската унија не излезе јавно да го осуди масакрот во Кенија.
Иако кенискиот претседател најави засилени безбедносни мерки и итна регрутација на илјадници полицајци, сепак, многу прашања остануваат да висат во воздух. Дали африканскиот живот вредат помалку од другите? И дали жртвите во Гариса некогаш ќе добијат свое движење од типот “#Јас сум Шарли“?
Извори: Нигериски неделник „Лидершип“, „Индија тајмс“
Превод: Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.