| четврток, 6 декември 2018 |

Дарко Митревски до Дарко Башевски: Го повлекувам „Мис Стон“ и не снимам во Македонија сè додека тебе не те снема од филмската сцена!

Знаеш за што зборувам, така? За истиот оној проект за кој Агенцијата за филм одобри средства уште пред две години, но – благодарение на тебе – до ден денешен не започна со нивна исплата. И не само тоа, туку во тие две години направи сè што беше во твоја моќ (од нечинење на она за што си поставен и платен, преку смислување и измислување на разни бирократски пречки, па сè до јавно озборување, нескриено саботирање и отворена опструкција на потпишувањето на потребната документација) за тој проект никогаш да не биде снимен, вели Митревски во отвореното писмо до Башевски

Darko-Mitrevski

Македонскиот режисер Дарко Митревски ќе го запре снимањето на филмот „Мис Стон“ и одбива да се занимава со филм во Македонија додека Дарко Башевски е директор на Агенцијата за филм. Тој ова го соопшти во отвореното писмо што го испрати до медиумите, а кое ви го презентираме во целост.

„Јавно ти признавам дека ти си победникот. Се предавам и се повлекувам, во ред? Го повлекувам мојот проект, а со него и самиот неотповикливо се повлекувам од македонската филмска сцена – сè додека тебе не те снема од неа! Македонската кинематографија, во која ти речиси до вчера беше никој и ништо, денес си ѝ газда, а утре ќе ѝ бидеш и егзекутор – во таа и таква македонска кинематографија јас одбивам да бидам дел.

Во дилема сум како да го започнам ова писмо.

Невкусно ми е да му се обратам со „драг“ некому што воопшто не ми е драг.

Смешно ми е да му кажам „почитуван“ на човек кого никој жив во нашата бранша не го почитува.

Респектот кон институцијата на чие чело, за жал, е поставен овој човек, ме обврзува да се задржам во рамките на формалната комуникација – но респектот кон професијата ме спречува да му персирам на нејзиниот гробар.

Затоа ќе почнам со неговото презиме, кое поради пакоста што на многумина им ја правеше ќе го паметиме и еден убав ден кога повеќе нема да го спомнуваме.

Башески!

Ти се обраќам да те информирам дека, во својство на сценарист и режисер, го стопирам играниот филмски проект „Аферата Мис Стон“.

Претпоставувам дека се сеќаваш: станува збор за истиот оној проект што заедно со македонскиот продуцент Роберт Насков и американската продуцентка Санмин Парк го најавивме минатата есен на прес-конференција во Битола. Требаше тоа да биде првата американско-македонска копродукција, изведена од американско-балканска филмска екипа, во која заедно со познати холивудски имиња рамноправно ќе учествуваа и наши актери…

Знаеш за што зборувам, така? За истиот оној проект за кој Агенцијата за филм одобри средства уште пред две години, но – благодарение на тебе – до ден денешен не започна со нивна исплата. И не само тоа, туку во тие две години направи сè што беше во твоја моќ (од нечинење на она за што си поставен и платен, преку смислување и измислување на разни бирократски пречки, па сè до јавно озборување, нескриено саботирање и отворена опструкција на потпишувањето на потребната документација) за тој проект никогаш да не биде снимен.

Е па еве, да ти честитам. Успеа во тоа! Сè додека ти си директор на Агенцијата за филм на Република Македонија, јас одбивам во таа земја да се занимавам со филм.

Не, не станува збор за личен каприц – бидејќи јас не сум единствената мета на твојата подлост. Тоа дека ти, Башески, во изминатите шест години во кои раководиш со Агенцијата за филм на РМ (или поранешен Филмски фонд на РМ) си страсно посветен на попречувањето на авторите што не ти се симпатични (а во таа група спаѓаме речиси сите ние што нешто значиме и вредиме во филмската уметност и занает во Македонија), тоа одамна веќе не е никаква тајна во домашните професионални кругови. И некако сите ние сме се труделе твојата малициозност (комбинирана со твојата врвна некомпетентност, плитко образование и крајно ограничена интелигенција) да ја победиме со вложување дополнителна енергија, време и нерви, тешејќи се дека, на крајот на приказната, делата што ги создаваме ќе траат вечно – за разлика од тебе и твоето кабадахиско владеење со македонскиот филм.

Јас тој вишок енергија, време и нерви сè уште ги имам. Арно ама, имам и образ. И заради тој образ повеќе не можам да црвенеам од срам пред моите американски партнери, понесени од ентузијазмот дека ќе ја впишат егзотичната земја Македонија на филмската мапа на светот – додека ти истовремено ги оцрнуваш пред Управниот одбор на Агенцијата! Мака ми е повеќе да се резилам не само пред продуцентите, туку и пред нивните приватни инвеститори, кастинг-директорите со кои соработуваат, реномираните актери што ги контактираа и сите оние холивудски талент-агенти, менаџери и дистрибутери што тие, преку својата мрежа на контакти, ги замолија за соработка за овој наш филм. Една цела чета угледни имиња веќе со месеци ги лажам дека зад мене стојат мојата фиљан-фиљан земја Македонија и нејзините државни институции. Стојат, тикви! Ме изеде туѓиот срам. Твојот срам, Башевски – кога таквите како тебе барем би знаеле за срам.

А богами и мој срам: се срамам што, од пуста носталгија и љубов кон професијата, во Македонија довлекувам меѓународно реномирани имиња и мои искрени пријатели, за да ти овозможам тебе на клоци да ги набркаш од таму, небаре Македонија и македонската кинематографија се твој пашалак, а не моја татковина. Но еве, ако ми е за утеха, ти се колнам дека таква грешка повеќе нема да ми се повтори! Распостели си се сам во своето газдинство во кое повеќе никој нема да ти дојде да ти пречи. Биди си раат, мене повеќе ништо нема да ми должиш.

Но мислам дека ѝ должиш нешто на јавноста со чии пари газдуваш. Ако ништо друго, ѝ должиш одговори на низа прашања за кои веќе подолго време се зборува, ама никако некој јавно да ти ги постави.

Да речеме:

–        Зошто на повеќето домашни продуценти Агенцијата за филм им поставува речиси неостварливи услови за соработка и потоа спроведува инквизициски мерки на контрола, кога кон еден мал број други (јавно познати како твои пајдаши) им прогледува низ прсти за евидентни кршења на базичните регулативи?

–        Зошто официјално не е дозволено финансирање филмови што немаат копродуцентска поддршка, а сведоци сме дека такви филмови наголемо се финансираат – под услов нивните автори да се од твојот табор?

–        Како тоа, од морето филмови што Агенцијата за филм пријавува дека ги финансира на годишно ниво, на прсти се бројат филмовите што домашната публика има можност да ги види? Каде ти се овие другиве? Во некоја пералница за алишта?

–        Зошто на филмските маркети на кои, со пари на даночните обврзници, државата те испраќа да ги промовираш македонските филмови, пред странските продуценти и дистрибутери (а тука го вклучувам и мојот американски агент за продажба, кој, на мое неверување, ми ја даде оваа информација) фрлаш дрвја и камења по македонските филмаџии што тие филмови ги направиле?

–        Поради каква парична злоупотреба „Еуроимаж“ ја запре финансиската поддршка за дистрибуција на европски филмови во нашата земја и на подолг период ја исклучи Македонија од оваа програма? Белки знаеш нешто за ова, во твое време ги снема тие пари.

–        Зошто договорите за финансирање што ги изработува твојата правна служба се составени не за да привлечат, туку за да ги набркаат потенцијалните приватни инвеститори?

–        Зошто странските експерти (чии имиња и авторитет ти се добро познати) од кои беше побарано стручно мислење, истите тие договори ги оценија како „правно неиздржани и невалидни“?

–        Зошто истите тие експерти твојот октроиран Закон за филмска дејност го оценија како погубен за македонската кинематографија?

–        Зошто на вработените на Агенцијата за филм им нареди по секоја цена да најдат некој законски пропуст во продуцирањето на мојот филм „Трето полувреме“, за да имаш алиби да го запреш неговото финансирање?

–        Зошто раководните лица на банката што великодушно го спонзорираше тој филм ги убедуваше во иднина да не ги помагаат македонските филмови и продуценти?

–        Зошто на првиот конкурс на кој беше пријавен го одби филмот „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија, а потоа стори сè што можеше за овој докажан пријател на Македонија да се откаже од понатамошни обиди да го реализира својот проект?

–        Зошто „3хФх“, единствената светски реномирана компанија за филмска постпродукција од Македонија (која има учествувано во изработката на десетици холивудски мегахитови), со најуличарски манири ја шиканираше – иако без нивната помош филмот „До балчак“, за чии загуби и неисплатени хонорари ти си директно одговорен, ни до ден-денес немаше да биде завршен?

–        Зошто Лабина Митевска, според мислењето на многумина најдобриот директор на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, ненадејно се откажа од понатамошното водење на оваа угледна манифестација?

–        Зошто Милчо Манчевски, колега што не треба посебно да го претставувам, порача дека нема намера да режира во Македонија сè додека ти си на функција?

–        Зошто во текот на твојот мандат сè повеќе домашни автори, продуценти и филмски работници се откажуваат од својата филмска професија и бараат алтернатива во снимањето реклами и музички спотови?

–        Зошто Македонија, држава во која денес многу се вложува во филмската продукција, во меѓународните филмски кругови има репутација на територија што треба да се избегнува?

–        Зошто од Агенцијата за филм, институција создадена за да им помага на филмските работници и на македонската филмска уметност, ти создаде непријател на филмаџиите и крвник на уметноста?

Ова е само дел од прашањата што ми паѓаат на ум. Се надевам дека новинарите на кои им го испраќам ова писмо ќе бидат професионално љубопитни, па ќе истражуваат понатаму. Филмскиот дел од чаршијата веќе со години шушка дека во гранапот што си го запоседнал има разни домашни ракотворби на кои, по словото на законот, долго не им застарува рокот на траење… Којзнае што ли сè ќе исплива на површина кога ќе се забранува некогаш бистрата вода, која ти ја претвори во мочуриште?

Не, Башески, немој да ме сфатиш погрешно. Ниту ти се заканувам, ниту пак имам намера да бијам битка со тебе. Напротив, јавно ти признавам дека ти си победникот. Се предавам и се повлекувам, во ред? Го повлекувам мојот проект, а со него и самиот неотповикливо се повлекувам од македонската филмска сцена – сè додека тебе не те снема од неа! Македонската кинематографија, во која ти речиси до вчера беше никој и ништо, денес си ѝ газда, а утре ќе ѝ бидеш и егзекутор – во таа и таква македонска кинематографија јас одбивам да бидам дел.

Уживај во неа, Башески.

Уживај без нас – уметниците што некогаш ја сакавме.

Уживај.

Дур можеш.

Со желба за трајно недогледање,

Дарко Митревски, режисер

Лос Анџелес, 16 април, 2015 год

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top