Претседателот на Кожув од Гевгелија, Томе Главчев, ја поздрави одлуката на сите релевантни фактори во македонската кошарка и особено на клубовите, и покрај сите проблеми во изминатиот период, повторно работите да се одлучуваат на терен. Односно да се игра кошарка и на терен, а не на зелена маса да се одлучува за бодовите, победите, за пласманот.
– Кошаркарскиот клуб Кожув и јас ја поздравуваме одлуката на клубовите, повторно да се игра кошарка во Македонија. Имаше по малку и некошаркарска атмосфера во изминатиот период и дури и дојдовме до ситиација од која се чинеше дека нема излез. Сепак, во спортски дух се донесоа правилни одлуки, кои носат оптимизам дека докрај ќе се разрешат сите недоразбирања – вели Главчев за „Република“.
Кожув в сабота ќе игра со 14-кратниот шампион Работнички, екипа која секогаш е добредојдена во Гевгелија. Меч за мерак и дуел што ќе биде дерби на колото.
– Со нетрпение го очекуваме дуелот со Работнички. Конечно и на лицата на кошаркарите се враќаат насмевките и има задоволство што пак ќе играат кошарка. Ќе ги дочекаме како стари спортски пријатели, односно како што доликува за рејтинг на еден долгогодишен шампион на Македонија – ни изјави Главчев, со очекување дека и по 27 април за кога е закажано Собрание на КФМ и се очекува избор на нов претседател, состојбата во македонската кошарка ќе се подобрува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.