| четврток, 6 декември 2018 |

Израел им оддава почит на шесте милиони жртви на холокаустот

Израелците со двеминутен молк и завивање на сирените им оддадоа почит на шестте милиони Евреи, кои беа убиени во нацистичкиот холокауст во текот на Втората светска војна, пренесоа американските медиуми.

Денешниот Ден на споменот е еден од најтажните датуми во одбележувањето на поновата историја на Израел.

Додека сирените свиреа, автомобили и автобуси застануваа на автопатиштата, моторџиите слегуваа и застануваа до своитемотори, а пешаците во спомен на загинатите Евреи застануваа со наведната глава на местата каде што се затекоа.

Церемонии во спомен на жртвите од Холокаустот имаше низ целата земја.

Радиостаниците пуштаа меланхолична музика и интервјуа со преживеани лица од холокаустот, а телевизиите емитуваа документални филмови за геноцидот.

Денот на споменот почна уште синоќа на зајдисенце и ќе трае до вечер пред стемнување. Со свирежот на сирените во 10 часот по локално време (7,00 часот по Гринич) почнаа официјалните церемонии на полагање венци во меморијалниот комплекс за жртвите од холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, посочува ДПА.

Церемонии се оддржаа, исто така, и во училишта, гимназии и универзитети.

Иако светот Меѓународниот ден на споменот на жртвите од холокаустот го одбележува на 27 јануари, Израел Денот на споменот го одбележува на 27 ден од еврејскиот месец Нисан, една недела пред Денот на независноста, што го симболизира раѓањето на државата Израел од пепелта на холокаустот. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top