| четврток, 6 декември 2018 |

Шојбле ѝ порача на Грција да се откаже од лажните надежи

сојбле

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, ги отфрли сите можности Грција да добие нови концесии при спроведување на бараните реформи, јави дописникот на МИА од Берлин.

Владата во Атина не треба да им дава лажни надежи на своите граѓани дека реформите и строгите мерки за штедење ќе можат да бидат одложени. Според германскиот министер, кој говореше за телевизијата „Блумберг“, можеби за 10 години може да има реструктуирање на грчкиот долг, но сега тоа не е на дневен ред.

Со тоа Шојбле ги уништи надежите на дел од грчката влада која смета дека во јуни ќе може да добие нова финансиска помош од кредиторите и во исто време да ги спроведе предизборните скапи ветувања, меѓу кои: тринаесетта пензија, зголемување на платите, враќање на избрканите и нови вработувања во јавниот сектор.

Изјавата на Шојбле доаѓа на денот кога кредитната агенција „Стандард и Пурс“ го намали рејтингот на Грција на ниво на „Ѓубре“ благодарение на неможноста на земјата да ги враќа кредитите.

Весникот „Ди Цајт“ вчера најави дека Германија работи на план со кој, и покрај евентуален банкрот на Грција, таа би можела да остане во еврозоната, но Шојбле ги отфрли таквите тврдења, оставаjќи простор дека германската влада сепак ги разгледува сите можности за надминување на грчката криза.

Шојбле ги отфрли грчките барања за плаќање воени репарации од втората светска војна во вредност од над 200 милијарди евра и рече дека оваа дискусија ги зголемува очекувањата на грчките граѓани кои што се целосно нереални.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top