| четврток, 6 декември 2018 |

Грција има потреба од една милијарда евра за плати и за пензии до крајот на април

grcija

Новата грчка влада до крајот на месецов има потреба од една милијарда евра за плати и за пензии, што се случува во момент кога се споменува сценариото за банкрот и кога не е евидентен напредок во преговорите меѓу Атина и кредиторите.

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, и претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, потенцираат дека без реформи нема пари, а „Стандард енд Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Грција до степен „ѓубре“, коментира весникот „Та неа“.

Владата во Атина, пак, за да го намали притисокот од страна на Меѓународниот монетарен фонд, Европската унија и Европската централна банка,  подготвува алтернативни предлози на реформите, кои планира да им ги претстави на европските партнери. Тие се однесуваат на измени во пензискиот систем, на работните односи и на даноците, нешто што и самите кредитори го бараат.

За таа цел претседателот на Грчкиот совет за економски експерти, Јоргос Хулиаракос, има задача да почне на 18 април во Брисел интензивни консултации со европските партнери, за кои постои надеж дека ќе придонесат за напредок во преговорите, така што до крајот на месецов би била одблокирана некаква транша за земјата.

Во Атина денеска со интерес се следат и разговорите на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис во Вашингтон. Тој таму ќе учествува на средбата на ММФ и Светската банка и ќе има средби со американскиот претседател Барак Обама, со претседателот на ЕЦБ, Марио Драги и со колегите од САД и Италија. На таа средба ќе присуствува и Шојбле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top