Екстремистичките групи сексуалното насилство, пред сè, силувањата, сексуалното поробување и принудните бракови, ги користат како тактика на теророт, изјави денеска Зејнаб Бангура, специјален претставник на генералниот секретар на ОН Бан Ким Мун за прашањата на сексуалното насилство, пренесе ДПА.
Бангура пред Советот за безбедност на ОН претстави извештај за 19 земји во кои беснеат конфликти. Во документот се констатира новата катастрофална тенденција за употребата на сексуалното насилство како тактика на теророт од екстремистите на Ал Каеда, Исламска држава и Боко харам во земјите како Ирак, Сирија, Сомалија, Нигерија и Мали.
Во извештајот како пример се посочува грабнувањето на повеќе од 200 ученички во нигерискиот град Чибок, што се случи пред една година.
Притоа се потсетува на грабнувањата на жени јазиди во Ирак, кои се префрлани во Сирија и продавани како сексуални робинки на пазарите или принудувани се да се мажат за борци на ИД.
Хамсату Аламин, регионален координатор за прашањата на стабилноста во Нигерија, пред Советот за безбедност на ОН посочи дека во оваа земја има многу повеќе случаи на грабнати жени и девојчиња, отколку што досега се претпоставуваше. Според последните податоци, таму само од почетокот на 2014 година се киднапирани околу 2.000 жени и девојчиња.
Виал Дакхил, пратеничка во ирачкиот Парламент, од своја страна кажа дека сексуалното насилство е главниот дел од доктрината на ИД. Меѓу кривичните дела од сексуален карактер се сите форми на сексуално насилство, а меѓу нив силувањето, сексуалното поробување, шверцот со луѓе со сексуални цели, принудните бракови, принудната бременост или принудните абортуси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.