Барселона и Реал Мадрид се тимовите кои важат за едни од главните фаворити за освојување на овогодишната Евролига. Тоа го покажаа и на првите натпревари од четвртфиналната серија победувајќи ги своите противници на домашен паркет.
Барселона беше поуспешна од двојниот освојувач од 2012 и 2013 година Олимпијакос со високи 73-57 (20-8,15-18,15-12,23-19). Каталонците наметнаа силен ритам уште во првата четвртина кога дојдоа до водство од 12 поени разлика. Во продолжение лесно го контролираа натпреварот и заслужено дојдоа до победата. Дури 11 кошаркари на Барселона се запишаа во листата на стрелците, а најефикасни со по 10 поени беа Наваро и Нахбар, додека 9 поени и шест скока имаше Саторански. Во поразениот тим на Олимпијакос најефикасен беше Аграванис со 9 постигнати поени. Следниот натпревар од четвртфиналето меѓу овие два тима е во петок, 17 април, повторно во Барселона.
Реал Мадрид одигра потежок натпревар од што се очекуваше против Анадолу Ефес победувајќи го со 80-71. Сепак гостите од Истанбул се покажаа како тврд орев бидејќи по првите 20 минута имаа солидна предност од осум коша (43-35).
Реал одигра фуриозно во третата четвртина, набрзина дојде до серија од 15-5 и го презема водството кое знаеја да го сочуваат до крајот.
Риверс беше главна фигура на оваа средба, со вкупно 21 поен (6/7 за тројка), пред Ајон со 14 и Рејес со 12 поени. Единствени со двоцифрен ефект кај Ефес на овој меч беа младите Дарио Шариќ со 13 и Осман со 11 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.